Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање за најавата за штрајк на контролорите на летање во Македонска навигација (М-НАВ) и за затворање на небото над Македонија среде сезона на 10 јули, ако не се престане со партиски вдомувања и непотребни вработувања на средношколци и советници на директорите и ако не се исполни Спогодбата за прекин на штрајкот за минатата Нова година, рече дека ова го прават тие што направија упад во Акционерското друштво и кои сега бараат внимание.
Мицкоски практично денеска ги изедначи раководството на Синдикатот на контролори на летање и раководството на Здружението на контролори на летање со тепачите од ДУИ кои во јануари 2024 упаднаа во Контролната кула и натепаа контролори Албанци кои го поддржале барањето на Синдикатот да се престане со партиски вработувања.
„Не мислам дека е тоа причината. Се закануваат оние кои правеа упад и тепаа. Сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат и тоа е“, одговори тој на прашање за најавениот штрајк на контролорите на летање незадоволни како од партиските вработувања и неспроведување на спогодбата со минатиот управен одбор зад која како гарантор застана тогашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски така и поради тоа што не се имплементираше новиот систем за авио менаџирање на сообраќајот ни пред оваа летна турбо-сезона.
Упад направи Беким Незири од ДУИ на 4 јануари лани кога по прес-конференцијата на истиот менаџмент на Синдикатот на чело со Александар Тасевски, а зад кој застанаа сите контролори на летање. Незири е вработен во М-НАВ и шеф на огранокот на ДУИ во Чаир. Тој тогаш ја крена рампата и внесе со својата картичка уште седум бандити во контролната кула на М-НАВ и од работното место извлекоа контролор Албанец кому му удрија бокс. Биле лути дека и тој застанал во поддршка на Синдикатот.
Прес-конференцијата во дворот на Контролната кула беше за незаконски оглас за непотребни партиски вдомувања, исто како што е револтот и сега.
На прашање до Владата дали ќе ги разгледа барањата на Синдикатот, од Секторот за односи со јавност ни одговорија дека најновите вработувања во М-НАВ се спроведуваат согласно строго дефинирани законски процедури и јасни критериуми за стручност, компетентност и професионален интегритет.
„Од првиот ден на мандатот, Владата се обврза на професионализација на институциите, особено во чувствителни сектори како што е контролата на воздушниот сообраќај. Сите конкурси и постапки за вработување во М-НАВ се транспарентни и подлежат на внатрешни и надворешни контроли. Исто така, сакаме да потсетиме дека ова претпријатие со години наназад беше симбол на клиентелизам и злоупотреби, што резултираше со правен хаос и нефункционалност и ја разбираме реакцијата, затоа што такво владеење не смее да се повторува. Новото раководство, именувано врз основа на професионални и етички стандарди, веќе работи на сериозни реформи со цел враќање на довербата и ефикасноста на системот“, вели Владата.
Обвинителството лани, во истрагата за упадот на Незири тргна со најстроги квалификации за делото поврзани со загрозување на безбедноста на авиосообраќајот, за по добиеното мислење од меѓународните институции од авиосообраќајот, да се прекине со кривичниот прогон против него.
Синдикатот на контролорите на летање на Македонија упати предупредувачко писмо до Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) дека на 10 јули контролорите стапуваат во штрајк и го затвораат небото ако не се спроведе Спогодбата од крај на 2023 со која се одложи тогашниот штрајк, ако итно не се престане со тајно менување на систематизацијата и со бутање непотребни партиски кадри место контролори, инженери и метеоролози, ако не се имлементира новиот АТМ (аеротрафик менаџмент) систем и не се изврши транзиција на новите технички системи.
Незадоволството екплодирало дополнително со најновиот оглас распишан од тројцата директори: Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, за несуштински, непотребни кадри – советници на директорите, потоа профили со средно образование и други измислени работни места, во ситуација кога недостасуваат нови и помлади контролори на летање.
Ристески е и претседател на Управниот одбор.
Синдикатот во дописот вели дека нема веќе да чека и на Управниот одбор му дава рок до 30 јуни да ги исполни барањата.
Во известувањето до директорите, се укажува дека АТМ-системот може секој момент да откаже, дека негови сегменти често прегреваат. На почетокот на мај, кога се одлучило дека не може, дека не било безбедно пред летната сезона да се имплементира новиот систем, Здружението на контролори на летање испратило конкретно и детално предупредување до директорите во Управниот одбор, со барање да се побара помош од соседните земји да ја преземат контролата ако се случи хаварија. Но, ни тоа не е направено.
Во предупредувачкото известување, Синдикатот го потсетува раководството дека М-НАВ ќе остане без осигурување од дејност (што е страшно зашто државата ќе треба да плаќа отштета во случај на авионска несреќа), дека над 9 месеци нема ангажирано компанија за обезбедување, нема инфраструктурни зафати, нема јавни набавки итн, обвинувајќи ги тројцата директори дека со несуштинските вработувања „ги отплаќаат своите фотелји“.
С. К. ДЕЛЕВСКА