Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за нова Влада Христијан Мицкоски до Собранието денеска достави предлог-измени по скратена постапка на Законот за енергетика, за да се овозможи во следните 6 месеци да нема зголемување на цената на струјата. Притоа, тој вети дека од јануари 2025 ќе се намали цената на електричната енергија, како за домаќинствата, така и за индустријата.
Тој кажа дека со поднесениот предлог за измени, цената на електричната енергија нема да се зголеми за првата и втората група потрошувачи, додека за третата и четвртата тарифна група зголемувањето ќе биде од 1 до 2 проценти. Очекува по дебатата за нова влада в сабота и недела, собранискиот спикер веднаш да го стави предлогот на дневен ред, за да се донесе пред први јули, за кога е најавено зголемувањето на цената на струјата.
Мицкоски ги повика сите пратеници да гласаат за законските измени, бидејќи смета дека така ќе се спречи и инфлаторната спирала.
Тој денеска се обрати до универзалниот снабдувач многу внимателно да врши оптимизација на своите потреби и при набавката на струјата да се води првично од интересите на граѓаните, а да не набавува количини на електрична енергија кои нема да бидат потребни.
Навести дека во следните шест месеци ќе направат сè за да го реорганизираат енергетскиот сектор и во следниот регулационен период од 1 јануари до 30 јуни 2025 година граѓаните да добијат поевтини сметки за струја.
„Исто така и индустријата која е на регулираниот пазар ќе се трудиме да добие поевтина електрична енергија и со тоа се очекува инфлацијата да биде задушена, односно цените да се намалуваат, наместо да се качуваат“, го кажа планот Мицкоски.
С. К. ДЕЛЕВСКА