ММФ Ѝ ОДОБРИ ЗАЕМ НА МАКЕДОНИЈА ОД 530 МИЛИОНИ ЕВРА

    ММФ Ѝ ОДОБРИ ЗАЕМ НА МАКЕДОНИЈА ОД 530 МИЛИОНИ ЕВРАММФ веднаш ќе префрли 110 милиони евра, по што ќе следат повеќекратни исплати, под услов Скопје да се придржува до условите од договорот.(Фото:Ѓ. Личовски)

    Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави дека на Македонија ѝ одобрил заем од 530 милиони евра за да ѝ помогне да се справи со последиците од пандемијата на ковид-19 и ефектите од војната во Украина. Според двегодишниот аранжман, ММФ веднаш ќе префрли 110 милиони евра, по што ќе следат повеќекратни исплати, под услов Скопје да се придржува до условите од договорот.

    Северна Македонија беше погодена од два последователни глобални шока. Додека заздравуваше од пандемијата, ситуацијата повторно се влоши по руската инвазија на Украина и наглото зголемување на глобалните цени на суровините“, се вели во соопштението на ММФ.

    Шефот на ММФ, Бо Ли, ја пофали „здравата политичка рамка“ во земјата пред пандемијата, велејќи дека таа поттикнала солиден и широк раст, со умерен јавен и надворешен долг.

    Сепак, макроекономската ситуација значително се влоши поради пандемијата и ценовниот раст на суровините“, кажа Ли.

    На 16 ноември, македонското Собрание го усвои Предлог-законот со кој на земјава ќе и стојат на располагање 530 милиони евра средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, како и уште 20 милиони евра според усвоениот Закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии. Законот предвидува Македонија да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тие се за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството во претстојната зима.

    Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 и е наменет за земјите членки на ММФ, со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација, кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици.

    Одборот на ММФ сега ги одобри средствата и е предвидено да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот, а каматната стапка во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира