Министерот за здравство Венко Филипче вели дека досега ниту во Владата, ниту пак на состаноците на Комисијата за заразни болести не се разговарало за можно одржување на парламентарните избори, кои првично беа закажани за 12 април, но се одложија поради коронакризата.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може летово да се одржат парламентарните избори, министерот рече дека во моментов се фокусирани на мерките за заштита од КОВИД-19 и дека многу е рано да се разговара за евентуално одржување на избори.
„Во ниеден момент не сме го дискутирале прашањето за изборите, ниту пак сега го дискутираме. Сѐ уште сме фокусирани на борбата со епидемијата. Премногу е рано да зборуваме за олабавување на мерките и организирање на избори. Во моментов сме фокусирани на подготовка на тоа какви ќе бидат мерките за време на летото и наесен“, рече министерот Венко Филипче.
Досега вкупно дијагностицирани со корнавирус во земјава има 1.386, од кои 500 излечени, 61 починат и активни 825.
А. АНТЕВСКА