МНР БАРА БУГАРИЈА ДА СЕ ОГРАДИ ОД НАВРЕДЛИВИТЕ ИЗЈАВИ ЗА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПРАТЕНИКОТ ЏАМБАСКИ

    МНР БАРА БУГАРИЈА ДА СЕ ОГРАДИ ОД НАВРЕДЛИВИТЕ ИЗЈАВИ ЗА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПРАТЕНИКОТ ЏАМБАСКИБугарскиот европратеник Ангел Џамбаски вчера среде Скопје ги нарече македонските власти србомани кои спорведуваат геноцид врз Бугарите во Македонија. (Фото: Принтскрин од видео)

    Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) побара Бугарија да се огради од „недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија и воедно сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“, откако вчера бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски вчера среде Скопје ги нарече македонските власти србомани кои спроведуваат геноцид врз Бугарите.

    „Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р. Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави“, соопшти МНР и додаде дека по дипломатски пат соодветно реагира до официјална Софија и побара оградување од изјавите.

    Џамбаски вчера присуствуваше на одбележување на 95 години од смртта на Мара Бунева на кејот на Вардар во Скопје и ја искористи приликата да ги повтори неговите антимакедонски ставови.

    „Тука сме собрани да им кажеме јасно на владејачките србомански политичари дека нема да ги оставиме да ја продолжуваат политиката на геноцид кон Бугарите наложена од Коминтерната и спроведена од Македонија од 7 јануари 1945 година“, кажа Џамбаски од бугарската партија ВМРО-БНД, зборувајќи на мегафон пред стотина Бугари. Тој додаде дека нема да дозволи продолжување денационализација на Бугарите во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира