Македонскиот народен театар (МНТ) е безбеден и за вработените и за публиката, констатираше вештак кој е градежен инженер од Бирото за судски вештачења, вели директорката на МНТ Симона Угриновска. САКАМДАКАЖАМ.МК на 22 ноемвери ја објави фоторепортажата од Театарот, кој уште се опоравува од поплавата на 30 август кога техничкиот директор Гунтер Кубе, ризикувајќи си го животот, буквално пливал во вода до појасот за да стигне до осигурувачите во подрумот и да ја исклучи струјата.
„После поплавата и чистењето се обратив до Бирото да утврдат дали е безбеден Театарот, секако и за вработените и за публиката. Тој утврди дека е безбеден, но забележа дека се непрописно изведенI градежно-занаетчиските работи, како гипсарските работи на пример. Тоа значи дека врз гипсот поставиле лустери кои се со несоодветна тежина за тој материјал, и затоа ние ги извадивме лустерите од фоајето. Затоа побарав дополнително вештачење кое треба да даде одговор од каде се јавува толку влага, какви мерки треба да се преземат и колку би чинеле трошоците за истите. Тоа вештачење го прави истиот вештак, од Бирото кое спаѓа под Министерството за правда, но тоа сѐ уште трае, бидејќи е пообеmeн материјал“, изјави Угриновска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорката потенцира дека во ниеден случај не би ја ризикувала безбедноста ниту на колегите, ниту на публиката и затоа се преземаат сите тековни мерки за да се одвива репертоарот. Дополнително, вели, на голема радост на македонската театарска публика, на 17 декември се очекува премиерата на „Сите сме птици“ на еден од најзначјните македонски режисери Слободан Унковски, кој во МНТ режира првпат по 9 години.
Како што веќе објавивме, низ театарот, уште од влезот, и од левата и од десната страна има поставено завеси, кои ги кријат кофите врз кадифениот килим што ја собираат водата која протекува од плафоните после секој поголем дожд.
На десното фоаје од влезот, веќе 5 години има огромна кофа што ја собира водата што тече од проодната тераса на североисточниот дел од првиот кат, поточно, терасата кон Музејот на холокаустот. Лани во јули, Министерството за култура најави дека ќе даде 1.2 милиони денари (околу 20.000 евра) за санација на терасата.
Но, градежната фирма не ги испочитувала договорите кои биле потпишани со институцијата, не ги испорачала ниту стандардите ниту квалитетот, и затоа во тек е судски спор со Театарот, а парите се вратени во буџетот.
„Почнавме со мали кофи, па среќа ја најдовме најголемата кофа што ја имавме како сценски декор и таа ја ставивме“, вели Кубе. Тој додава дека проблеми почнуваат да се јавуваат и на другата страна од објектот, иако е јужна страна и полесно се дренира и се суши водата.
„Тоа што го имаме на северната, ќе се појави и на јужната страна“, рече Кубе.
Во декември 2017, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски најави дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби во Министерството за култура и во други министерства ќе понесат одговорност за неквалитено градење на Македонскиот народен театар (МНТ) и во Археолошкиот музеј. Тој рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.
Алаѓозовски тогаш најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014“ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.
Оттогаш, во Министерството за култура дојда уште четворица министри, Асаф Адеми, Хусни Исмаили, Ирена Стефоска и актуелната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, но никој од нив не излезе со извештај за безбедноста на културните објекти од „Скопје 2014“.
Б. НЕСТОРОСКА