Мора да бидеш пријател со водата и мора добро да се грижиш за неа, порача холандскиот амбасадор Воутер Пломп на вчерашниот твитап настан за подигање на јавната свест за водите и важноста од добро управување со водите по повод Светскиот ден на водите – 22 март.
„Водата е во генетскиот код на Холандија, таа е клучен елемент на нашата историја, економија и култура. Таа не научи на една мошне важна лекција: мораш да бидеш пријател со водата и мораш добро да се грижиш за неа. Македонија има среќа што има прекрасни езера и реки и многу сум среќен што можам да го одбележам Денот на водите и сите ваши напори да ги зачувате и промовирате овие природни богатства“, рече Пломп.
На настанот „#ЈаСакамПреспа“ организиран од УНДП (Програма за развој на Обединетите нации), Швајцарската агенција за развој и соработка и амбасадата на Кралството Холандија, над 100 посетители имаа можност да го видат наградуваниот документарен филм „Езеро од јаболка“, кој прикажува успешен пример на управување со водите.
Со програмата на УНДП за зачувување на водите на Преспанското езеро направени се значајни промени, односно над 80 отсто од локалните фармери применуваат подобрени агро-еколошки практи, за 60 отсто е намалена употребата на водата за наводнување, а за 30 отсто намалено е користењето на пестицидите. Со обуките на локалното население спроведени преку оваа програма, намален е внесот на нетретирани отпадни води и цврст отпад во езерото, со што е подобрен квалитетот на водата, а подобрена е и состојбата на автохтоните видови риби во езерото.
„Преспа ни покажа дека решенијата засновани врз природата имаат потенцијал да решат многу од предизвиците. Потребно е да применуваме зелена инфраструктура секаде каде што тоа е можно. Пошумување, поврзување на реките со нивните поплавни рамнини и реставрација на блатните системи – сето тоа ќе помогне да се балансира циклусот на вода и да се подобри здравјето на луѓето, истовремено заштитувајќи ја животната средина“, кажа Луиза Винтон Постојаниот претставник на УНДП.
Со оваа долгогодишна програма на УНДП, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка изградени се системи за управување со отпадните води и цврстиот отпад, воведени се одржливи земјоделски практики, подобрена е шумската покривка и заштитата на загрозените живеалишта.
„Да се работи со природата, место против неа, отвора можност за поефикасна, поконкурентна и позелена економија. Со проектот во Преспа, кој беше поддржан од Швајцарија, поставен е пример за ефикасноста на решенијата засновани на природа. Со нетрпение ги очекуваме резултатите од ваквиот пристап преку спроведувањето на нашиот нов проект кој треба да ја подобри отпорноста на Полошкиот регион кон поплави”, изјави Амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада.