МОРА ОТВОРЕНО ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗОШТО 150 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ИСИС, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ БЕЈЛИ

    МОРА ОТВОРЕНО ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗОШТО 150 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА ИСИС, ВЕЛИ АМБАСАДОРОТ БЕЈЛИАмериканскиот амбасадор Џес Бејли кажа дека на МВР во борбата против тероризмот треба да му се приклучат Владата, граѓаните и компаниите. - Бејли и Заев на отворањето на регионалната вежба „Странски терористички борци: Промовирање превенција и отпор“ (Фото: Е. Ангеловска)

    Мора отворено да се разговара зошто 150 граѓани од Македонија се приклучија на борците на ИСИС во Сирија и Ирак, и што се случува со луѓето што се вратија од таму, рече американскиот амбасадор Џес Бејли на отворањето на регионалната вежба „Странски терористички борци: Промовирање превенција и отпор“.

    Според него, Македонија и регионот не можат успешно да се борат против тероризмот ако отворено и рационално не разговараат за овој проблем.

    „Балканот останува високо ранлив и погоден од можна радикализација, како од насилство дома така и од терористички напади. Амбасадата на САД е ваш партнер и имаме силна соработка со органите“, рече Бејли.

    Тој кажа дека во борбата против тероризмот треба да се вклучат сите, односно Владата, граѓаните и компаниите.

    „Не може само министерството за внатрешни работи да се бори против лошите момци, потребна е меѓусекторска соработка и во самата Влада, но можат да помогнат и граѓаните. Предноста на Македонија е во тоа што е мала земја и секој со секој се знае, па ако има некој непознат и сомнителен во вашето соседство многу брзо може да се предочи и открие, а борбата против тероризмот е токму борба против непознатото“, рече Бејли.

    Тој ја поздрави регионалната соработна против тероризмот меѓу Македонија, Албанија и Косово, особено по обидот за напад во Скадар лани во ноември.

    Премиерот Зоран Заев рече дека ниту една држава не може сама да одговори на овој проблем и дека Владата е посветена на создавање ефикасен систем за борба против радикализацијата, екстремизмот и тероризмот.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира