МОРАМЕ ДА ГО ИСКОРИСТИМЕ ГОДИШНИОТ ОДМОР, АМА РАБОТИМЕ ОД ДОМА, ВЕЛАТ ОД БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

    МОРАМЕ ДА ГО ИСКОРИСТИМЕ ГОДИШНИОТ ОДМОР, АМА РАБОТИМЕ ОД ДОМА, ВЕЛАТ ОД БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТОИнсерт од содржините за онлајн настава за предметот Техничко образование за петто одделение на веб сајтот Едуино. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Бирото за развој на образованието вели дека заради законската обврска нивните советници имаат решенија за користење на годишен одмор од 10 работни дена, но и покрај тоа тие се ангажирани и работат од дома, во демантот на текстот „Додека сите чекаат план за онлајн настава и обука за наставниците, вработените и директорот на бирото за развој на образованието си отишле на колективен одмор“, објавен денеска на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од Бирото во деманот ги повикувааат „сите останати новинари за сите прашања поврзани со нашата работа да се обратат директно до институцијата, а не да користат, очигледно, неупатени ‘извори’ кои само ја подгреваат нервозата кај родителите и јавноста“.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК ги контактираше директорот и лицето за односи со јавност од институцијата на 14 август (петок), но до објавување на текстот на 16 август (недела) не успеа да добие одговори. Директорот Зекирија Хасипи ни пиша дека е на годишен одмор, надвор од државата, а лицето за односи со јавноста не одговори ниту на повикот и на смс пораката.

    На 15 дена до почетокот на учебната година, од Бирото велат дека нивните советниците во моментов работат на подготовка на видеосодржини за септември и октомври заедно со дел од наставниците, а потоа ги верифицираат и истите се поставуваат на порталот ЕДУИНО. Досега, велат дека имаат сработено 60% од назначените содржини за септември, во средно гимназиско образование 50% и во средно стручно образование 30% снимени видеолекции за онлајн настава.

    Демантот на Бирото за развој на образованието, САКАМДАКАЖАМ.МК го објавува во целост, со коригирани 20-тина печатни грешки:

    „Со оглед на здравствената криза со КОВИД-19 во нашата земја и предизвиците со коишто се соочува образованието, а особено во изнаоѓањето на најсоодветни начини за отпочнување на новата учебна година, советниците во Бирото за развој на образованието оваа година и не користат годишен одмор. Заради законската обврска тие имаат решенија за користење на годишен одмор од 10 работни дена, но и покрај тоа тие се ангажирани и работат од дома.

    Една од обврските што ја имаат е изработувањето на скратените наставни програми за сите наставни предмети од основното образование, гимназиското образование, уметничкото образование и општообразовните предмети во стручното образование. Овие скратени програми се изработени и истите ќе бидат доставени во МОН на усвојување, иако според сите досегашни насоки и протоколи јасно е дека нема да се работи според скратени програми, бидејќи согласно постоечките закони тие се изработуваат за вонредни состојби и настава којашто е во траење од 100 дена.

    Во текот на целиот летен период Бирото за развој на образованието активно е вклучено во изработка на истражувања и изработка на документи значајни за успешно организирање и реализирање на наставата и учењето.

    Така, заедно до УНИЦЕФ и Здружението Реактор подготвено е сеопфатно истражување за искуствата на наставниците во реализација на настава од далечина во периодот на здравствената криза од март до јуни. Резултатите беа презентирани пред 10 дена од страна на министерот за образование и наука, а врз основа на резултатите се разработуваа и моделите за одвивање на наставата во следната учебна година.

    Советниците во моментов работат и на подготовка на видеосодржини за септември и октомври заедно со дел од наставниците, а потоа ги верифицираат и истите се поставуваат на порталот ЕДУИНО. Прогресот на нивна изработка со пресек до 13 август е следен: Во основно образование изготвени се 60 % од назначените содржини за септември, во средно гимназиско образование 50 % и во средно стручно образование 30 % изработени/снимени видео лекции/содржини за далечинско учење/онлајн настава.

    Значајно е дека на порталот ЕДУИНО се поставува и нова функционалност Е-распоред преку којашто ќе им помогнеме и ќе им изработиме распоред за настава од далечина на сите училишта коишто на тој начин ќе ја реализираат наставата. Веќе дописите се испратени до училиштата, тие ги испраќаат бараните информации и се изработуваат профилите за секое одделно училиште.

    Бирото за развој на образованието овие денови постави обука на далечина за наставниците за користење и креирање основни алатки за реализација на наставата, а во тек е процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале со почетокот на учебната година и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата.

    Исто така, во преговори сме со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организирање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа.

    Бирото за развој на образованието располага со Learning Management System што е наменет за професионален развој на наставниците. Тоа значи дека во овој момент системот може да се користи за поставување на обуки за далечинско образование на наставниците, но не и за учениците, а сумата која ја споменувате Бирото ниту ја има во својот буџет, ниту се издвоени толку средства.

    Во мај 2020 година Министерот формира работната група за изготвување Концепција за учење на далечина каде носители беа токму вработени од Бирото. Во неа учествуваа претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество, наставници, универзитетски професори, а беше поддржана од експерти од УНИЦЕФ и УСАИД.

    Концепцијата беше на јавна расправа, по прифаќањето на забелешките истата беше усвоена од страна на министерот за образование и наука. Натамошните чекори за имплементација на активностите од Концепцијата и воспоставувањето на национална платформа за далечинско учење, согласно предложен акциски план, не е во надлежност на Бирото, туку на Министерството за образование и наука.

    Исто така, работна група формирана до директорот на Бирото за развој на образованието со претставници од Министерството за образование и наука ги изработи Протоколите за отпочнување на учебната година. Овој документ навремено е предаден во Министерството и понатаму проследен до Комисијата за заразни болести за донесување на конечна одлука како ќе отпочне учебната година.

    Сакаме да истакнеме дека голем дел од активностите коишто ги споменувате во текстот иако не се во надлежност на Бирото, директорот и вработените на Бирото имајќи ја предвид здравствената криза и пандемијата Ковид 19, Бирото самоиницијативно, со голема мотивираност и посветеност, стручно и професионално се вклучија во изнаоѓање на начини за зачувување на квалитетот на наставата во вакви вонредни услови.

    Исто така, сакаме да истакнеме дека сите документи коишто се изработија овој период беа изработени од работни групи со претставници и на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, како и на други институции. Затоа зачудени сме од наводите дека Вашиот текст се базира на ‘извори од Министерството’, а не на изјави на официјални лица од Министерството, од министерот за образование, советниците за односи со јавност или други лица овластени и запознаени со проблематиката и соработката на двете институции.

    Не сакаме да веруваме во тенденциозноста на текстот, со оглед на тоа што во ваква здравствена криза особено во изнаоѓањето на решенија во најдобар интерес на децата, како во однос на нивната безбедност, така и во однос на стекнувањето знаења, потребна е соработка и здружување на сите институции, медиуми, родители и воопшто на целото општество.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира