МОЖЕ ЛИ ЗА АВТОПАТОТ ДО ОХРИД ДА СТАВИМЕ ДЕКА ЧИНИ КАКО ДО ШТИП, ГО ПРАШАЛ ЈАНАКИЕСКИ ПЕШЕВСКИ

    МОЖЕ ЛИ ЗА АВТОПАТОТ ДО ОХРИД ДА СТАВИМЕ ДЕКА ЧИНИ КАКО ДО ШТИП, ГО ПРАШАЛ ЈАНАКИЕСКИ ПЕШЕВСКИАктуелниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека кај автопатот Кичево-Охрид е утнатата трасата. - Сугарески со Оливер Спасовски од МВР и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, обвинет во „Траекторија“ на вчерашниот прием во Американската амбасада по повод 4 Јули (Фото: К. Попов)

    Од 115. бомба, на која застана претходното рочиште за злоупотребите и провизиите во изградбата на кинеските патишта во случајот на СЈО „Траекторија“, денеска во Кривичниот суд продолжи пуштањето на преостанатите уште околу 200 бомби. Разговорите беа меѓу обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Ѓорѓиевски, ексдиректор на Агенцијата за патишта.

    Тие се за автопатот Кичево-Охрид, бидејќи договорот со Кинезите за Миладиновци-Штип, како што се слуша од бомбите веќе бил завршен. Груевски и Јанакиески се договараат колку да понудат пред Кинезите, за да може „и тие да понудат“. Во еден момент Миле со Пешевски разговара и го прашува: Дали може да се стави 270 милиони евра, т.е. да се препишат истите трошоци и цена на чинење од автопатот Миладиновци-Штип?

    Тие не ги знаат и отприлика ги наведуваат цените на суровините, на материјалите, примерок земја за тунел даваат од едно земјиште, а подоцна градат тунел на друго. Отприлика ставаат стотици објекти за изградба во договорот, 12 мостови се споменуваат, итн.

    За обвинението во „Траекторија“ обвинителката Лиле Стефанова претходно рече дека обвинетиот Груевски, мотивиран од „пет на целото“, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Пешевски, како вицепремиер, и Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки.

    Таа детално опиша како бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“, склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

    Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра.

    По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.

    „Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на ’Синохидро‘. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки“, рече Стефанова.

    Според обвинението, Јанакиески и Пешевски ја примиле поевтината на понуда за речиси 5 милиони евра, но не ја доставиле до ЈП за државни патишта, ниту пак ја зеле предвид. На 10.10 2013 година, во консултација со тогашниот премиер Груевски, Пешевски и Јанакиески до Собранието доставиле предлог-закон за изградба на двете делници, лажно прикажувајќи им на пратениците дека „Синохидро“ има поповолни понуди за двата автопата со што ја скриле понудата на „СВЕ“.

    Според СЈО, државниот буџет е оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите. Обвинетите Груевски, Пешевски, Јанакиески и ексдиректорот на Државни патишта Љупчо Георгиевски се изјаснија за невини.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира