Врнежи од дожд, проследени со силен јужен ветер вечерва и утре изутрина се очекуваат во Охрид и Струга, што може да доведе до поплави, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Утре изутрина околу 6 часот се очекуваат врнежи на дожд од 20 литри на квадратен метар и силен јужен ветер со брзина од 80 километри на час. Поради тоа од ЦУК велат дека се преземаат соодветни мерки за превенција, а биле известени и кафеанџиите кои се лоцирани покрај езерото. Се врши максимален испуст на вода од Охридското езеро во реката Црн Дрим, а извршено е и пренасочување на река Сатеска директно кон Црн Дрим.
„Најавените врнежи ќе предизвикаат нагло зголемување на дотекот на вода во сливното подрачје на реката Црн Дрим, особено на профилот на браната ‘Глобочица‘, каде во услови на истек од Охридското Езеро и истек низ ХЕЦ ‘Глобочица‘ се очекува прелив на вода низ преливната шахта од 150-200 метри кубни во секунда. Прелиената количина на вода ќе предизвика зголемување на нивото на реката Црн Дрим“, се вели во соопштението на Центарот за управување со кризи.
Стабилизирање на времето се очекува утре попладне.