Македонија е можно да добие покана за членство во НАТО во јули, но нема да стане членка на Алијансата, бидејќи следи процес на ратификација, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот брифинг со новинарите, по повод официјалната посета на САД од 26 април до 2 мај, на покана на секретарот за одбрана Џејмс Матис.
„Фокусирани сме да најдеме решение за спорот со Грција за името до самитот на НАТО во јуни, затоа што секое одложување може да ја промени ситуацијата на теренот. Идната година во Македонија се претседателските избори, во Грција се европските избори а можни се и предвремени избори, и затоа сметам дека треба да вложиме напори да дојдеме до решение“, рече Шекеринска.
На прашањето за последните изјави што ги даваат грчките политичари за текот на преговарачкиот процес во спорот за името, Шекеринска рече дека таквите изјави не се изненадување и интересно било што таквите ставови се слушале и од Русија.
Министерката за одбрана Шекеринска рече дека нејзината официјална посета на САД е прва после 2012 година и очекува безусловна поддршка од САД за влез во НАТО.