МПЦ И СПЦ ОДРЖАА ЛИТУРГИЈА НА ПОМИРУВАЊЕ ВО БЕЛГРАД ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПОЛУВЕКОВНИОТ РАСКОЛ

    МПЦ И СПЦ ОДРЖАА ЛИТУРГИЈА НА ПОМИРУВАЊЕ ВО БЕЛГРАД ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПОЛУВЕКОВНИОТ РАСКОЛСрпскиот патријарх Порфириј и поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, на заедничката литургија во соборниот храм „Свети Сава“ (Фото: Срѓан Илиќ за СДК.МК)

    Српскиот патријарх Порфириј и поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, денеска одржаа заедничка литургија во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, која беше опишана како чин на помирување на двете сестрински цркви по половина век раскол.

    Ова следува откако Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) ја поздрави одлуката на Вселенската патријаршија со која МПЦ беше призната за канонска црква под името Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), што, сепак, не значи дека таа се здобива со автоќефалност. СПЦ кажа дека со ова се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог.

    „Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква. Тие по само неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата Сесветост патријархот г. г. Вартоломеј, и во истиот тој дух донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни цркви“, истакна во својот говор архиепископот Стефан.

    Голем број верници се собраа пред храмот „Свети Сава“, каде што Порфириј утрово ја пречека делегацијата на МПЦ, предводена од г. г. Стефан.

    „Како што бијат камбаните на Светосавскиот храм, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден! Добредојдовте драги браќа! Добредојдовте во заедницата на љубовта, и вие и целиот ваш богољубив народ! Браќа сме и само браќа!“, кажа Порфириј.

    Се очекува да продолжи дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ, кој досега се водел во голема тајност и јавноста дозна за него дури минатата недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира