МРТВ ТРУПА МИЛИОНСКИ ЗАГУБИ СО ДИРЕКТОР ОД ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ

    МРТВ ТРУПА МИЛИОНСКИ ЗАГУБИ СО ДИРЕКТОР ОД ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИМарјан Цветковски во 2014 го прими Орденот за заслуги за Македонија, со кој претседателот Ѓорге Иванов ја одликуваше Македонската радиотелевизија по повод 70-годишнината од основањето на Македонското радио и 50-годишнината од основањето на Македонската телевизија. (архивска фотографија)

    Македонската радиотелевизија ја завршила 2019 година со загуба од 8,5 милиони евра, а претходната 2018 година со загуба од 420 илјади евра, според Годишниот извештај за работењето на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија за 2019 година, кој неделава беше на дневен ред на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, заедно со финансиските планови за 2020 и 2021 година.

    Генерален директор на МРТВ уште од 2012 година е Марјан Цветковски. Последен пат беше реизбран во февруари 2018 година со мандат од три години, кој му истекува следниот месец. Генералниот директор на МРТВ го бира Програмскиот совет на МРТВ, чии што пак членови ги бира Собранието со двотретинско мнозинство и последен пат пратениците избраа членови на ова тело во 2014 година, кога премиер беше Никола Груевски.

    Во меѓувреме, Собранието ги пречекори сите законски рокови предвидени за избор на новиот состав на Програмскиот совет на МРТВ. Претседателот на Собранието Талат Џафери објави оглас за нови членови на Програмскиот совет во јануари 2019 година и за 13-те места се пријавиле 19 кандидати.

    Комисијата за избори и именувања, која требаше да утврди листа на кандидати за членови на Програмскиот совет и да спроведе интервјуа на кандидатите, не ни расправаше за оваа точка сè до распуштањето на Собранието на 16 февруари 2020 година. Тогашниот претседателот на комисијата, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, не закажуваше расправа за оваа точка со образложение дека нема консензус меѓу власта и опозицијата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Собранието до каде е процедурата со изборот на нови членови на Програмскиот совет на МРТВ, но не доби одговор.

    Во државниот Буџет за 2021 година за радиодифузна дејност, ставка од која најголем дел оди за финансирање на МРТВ, се предвидени 14,6 милиони евра. Во 2020 година, оваа ставка изнесуваше 19,5 милиони евра.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира