МТВ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА

    МТВ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДАОд Јавниот сервис денес велат дека во последниов период се вложуваат максимални напори за обезбедување на правата за пренос и речиси сигурно Зимските олимписки игри во Пјонгчанг сепак ќе ги има на својата програма. (Фото: АФП)

    Зимските олимписки игри ќе се пренесуваат на Македонската телевизија, велат од МТВ.

    Од Јавниот сервис денес велат дека во последниов период се вложуваат максимални напори за обезбедување на правата за пренос и речиси сигурно Зимските олимписки игри во Пјонгчанг сепак ќе ги има на својата програма.

    „Преостанува во наредните два-три дена технички да се заврши целата интерна процедура и да се прецизираат деталите од договорот со Дискавери Комуникејшн, сопственикот на ексклузивните ТВ-права за Олимписките игри од 2018 до 2024 година на територијата на Европа. И не само тоа, МТВ темелно работи на случајот да ги обезбеди ТВ-правата и за наредните Летни олимписки игри во Токио 2020 година, со што ќе ги задржи континуитетот и традицијата кога станува збор за покривањето на двата најголеми спортски настана“, вели Драган Николовски уредник на спортската редакција на МТВ.

    Вчера од МТВ рекоа дека се уште не ги обезбедиле правата за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја бидејќи проблем се парите, односно високата цена која се бара за преносот.

    „Сега за сега ги немаме откупено правата за пренос на Олимпијадата. Проблем се парите, компанијата која ги поседува ексклузивните права има висока цена, во моментов не можам да ви кажам за која сума се работи. Но уште одлуката не е конечна, можно е во последен момент да се откупат правата. Сè ќе знаеме за два дена“, ни изјави вчера Николовски.

    Дваесет и третите Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја ќе се одржат од 9 до 25 февруари а ќе учествуваат 94 земји.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира