МУХИЌ, ГАШИ И СЕЛА ВЕЛАТ ДЕКА ГЛАСАЛЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, БАРААТ ДА СЕ ОБЈАВАТ СНИМКИ ОД ГЛАСАЊЕТО

    МУХИЌ, ГАШИ И СЕЛА ВЕЛАТ ДЕКА ГЛАСАЛЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, БАРААТ ДА СЕ ОБЈАВАТ СНИМКИ ОД ГЛАСАЊЕТОНа листингот од гласањето за Законот за употреба на јазиците објавен на собранискиот сајт, стои дека неколку пратеници од владејачката коалиција предводена од СДСМ не гласале за законот, како и Зијадин Села и Африм Гаши. - Пратениците Ферид Мухиќ и Мухамед Зекири (Фото: СДК.МК)

    Независниот пратеник од владејачката коалиција Ферид Мухиќ кажа дека вчера гласал „за“ за Законот за употреба на јазиците, обраќајќи се процедурално на почетокот на денешната собраниска седница. На листингот од гласањето, Мухиќ е регистриран како да не гласал.

    „Го притиснав копчето, не знам како, остана нерегистрирано. Апсолутно сум гласал, како и што се гледа при гласањето на немнозинските пратеници дека сум кренал рака. Овој закон е уставен и исправен и за доброто на граѓаните на Република Македонија“, кажа Мухиќ.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери му одговори дека е можно да изминало времето за гласање, бидејќи, како што кажа, во моментот на гласање, технички не може никој да влијае.

    Процедурално се обрати и Африм Гаши од Движењето Беса, кој, исто така, кажа дека гласал „за“, иако и него го нема во листингот.

    „Јас гласав за овој закон, но не знам зошто е регистриран мојот глас. Ѝ се обраќам на јавноста да ја потврдам мојата волја дека сум гласал за законот. При Бадинтеровото одлучување на немнозинските пратеници се гледа дека сум кренал рака“, рече Гаши.

    Зијадин Села од Алијанса на Албанците побара од претседателот да се објават видео снимки од гласањето да се види дека и тој гласал „за“ за законот.

    „Јас гласав и барам од вас како претседател да се разгледа подетално постапката за гласање. Сакам да се покаже и визуелно дека јас гласав и при електронското гласање и гласањето со рака при Бадинтеровото гласање“, рече Села.

    На листингот од гласањето за Законот за употреба на јазиците објавен на собранискиот сајт, стои дека неколку пратеници од владејачката коалиција предводена од СДСМ не гласале за законот.

    Пратениците од мнозинството: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Ферид Мухиќ, Ивана Туфегџиќ и Тања Ковачев не гласаа за Законот за употреба на јазиците.

    Според листингот, не гласале ни Зијадин Села, лидер на Алијансата на Албанците, ни Африм Гаши, лидер на Движењето Беса.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира