Министерството за внатрешни работи од вчера го укина шалтерот за подигнување лични документи со „Република Северна Македонија“ по итна постапка.
Поради тоа, сега се прават уште поголеми гужви оти само на едно место во зградата на МТВ се чека и за редовна и за итна постапка. Наместо да се олесни постапката, граѓаните уште повеќе се малтретираат и со саати чекаат да си ги земат документите.
Издавање на пасош по итна постапка чини 6.200 денари и се издава најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето за издавање на патна исправа. Но, и покрај тоа што платиле тројно и итно им треба пасош, сега и тие чекаат цел ден да си го подигнат.
Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК денеска повторно беше во пунктот за издавање лични документи во зградата на МТВ, каде гужвите беа уште поголеми во споредба со минатата недела. Ги прашавме вработените задолжени за осигурување на зградата од каде се подигнуваат документите по итна постапка. Ни рекоа дека шалтерот е затворен.
„Од вчера односно после Божиќ шалтерот за итна постапка е затворен, сега мора да чекате горе каде се издаваат документите по редовна постапка. Зошто е затворен навистина не ни е јасно“, ни рекоа вработените во обезбедување на зградата на МТВ.
На нашето прашање се надоврза 40-годишна скопјанка кои им велеше дека денес мора да патува и затоа платила за издавање по брза постапка.
„Сега е 11 часот, јас во 16 часот мора да патувам. Како ќе го земам сега пасошот кога горе луѓе чекаат по 5 часа? Како може вака да се малтретираат граѓаните?“, рече таа.
„Овде никој не се потресува, како да не чека народ – тука сум 40 минути, еден човек нема влезено досега да си земе документ. А едно стотина сме, тоа би требало да лета“, рече еден граѓанин кој веќе втор ден чека за да си го земе пасошот по брза постапка.
Од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека „шалтерот за издавање итни пасоши не е укинат, но од технички причини привремено е додаден кон шалтерите за издавање на пасоши по редовна постапка“.
Но, на првиот кат каде се издаваат лични документи по редовна постапка како и минатата недела и сега се чека по 5 часа. Стотина граѓани стоеја во ред и ни рекоа дека се дојдени од 7 часот и уште не се влезени.
„Три саати чекаме, што да правиме ако на некого му се оди во тоалет. Кога и да дојдете има гужва и наутро во 6 да дојдете пак има 100 луѓе што чекаат во ред“, ни рече маж кој чекаше во редот за редовна постапка.
Претседателот Стево Пендаровски ѝ предложи на Владата да се продолжи рокот за промена на личните документи до септември бидејќи тоа е срамно понижување на македонските граѓани.
„Второ ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – Закон за лична карта и Закон за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече Пендаровски во интервју на ТВ Сител.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјава дека за овој предлог на Пендаровски ќе разговараат на седница на влада да се види дали тоа може да се направи.
Според актуелните законски прописи, до 12 февруари граѓаните мора да ги променат личните документи со нови со „Република Северна Македонија“.
А. АНТЕВСКА