ПО ПЕТ ЧАСА СЕ ЧЕКА ДА СЕ ЗЕМАТ НОВИТЕ ПАСОШИ И ЛИЧНИ КАРТИ НА ШАЛТЕРИТЕ ВО МТВ

    ПО ПЕТ ЧАСА СЕ ЧЕКА ДА СЕ ЗЕМАТ НОВИТЕ ПАСОШИ И ЛИЧНИ КАРТИ НА ШАЛТЕРИТЕ ВО МТВНа шалтерот во МТВ се создаваат гужви бидејќи тука се подигнуваат документите на оние кои се сликале во МТВ, во салата во полициската станица „Пролет“, како и од полициските станици во населбите Ѓорче Петров и Драчево. (Фото: СДК.МК)

    И по пет часа се чека да се подигнат новите лични документи во кои стои уставното име на земјава, Северна Македонија, на шалтерите во зградата на Македонската радио телевизија во Скопје. Малтретирањето на граѓаните за да извадат нови документи не завршува само со чекањето по цел ден за поднесување барања и фотографирање без закажување на пунктот во полициската станица „Пролет“. Продолжува и кога после 15 работни дена ќе отидат да си ги подигнат документите бидејќи стотина граѓани стојат во ред, а редот оди бавно. Дополнително, пребукирани се и термините за закажување за сликање за што се чека повеќе од 6 месеци.

    САКАМДАКАЖАМ.МК, по многубројните реакции и јавувања на граѓани, вчера отиде во пунктот во МТВ. Околу 12.30 часот, ходникот на првиот спрат каде што се издаваат лични карти и пасоши беше преполн со главно повозрасни граѓани. Дел од нив стоеја во ред, дел стоеја на оградата, а други кои не можеа повеќе да стојат бидејќи чекале со саати беа седнати на скалите. Луѓето кои чекаа пред вратата беа залепени еден до друг и не мрдаа плашејќи се дека некој ќе им го земе местото и дека нема да дочекаат да влезат.

    Ги прашавме колку време чекаат и дали брзо оди процедурата за подигнување на документите.

    „Дојдов околу 9 часот, еве сега е 12.30 часот, а јас уште чекам и со оглед дека има триесетина луѓе пред мене сигурно нема да дојдам на ред уште еден час. Ако имате време да чекате пет часа застанете си во ред“, ни рече 40-годишна жена која чекаше во редот.

    50-годишен маж рече дека вторпат доаѓа по пасошот и личната карта бидејќи минатата недела не можел да чека, морал да се врати на работа.

    „Пуштаат внатре по десетина лица и после цел саат никој не влегува, навистина не знаеме зошто оди толку бавно, но оваа е право малтретирање на народот. Треба слободен ден од работа да земеме за да чекаме ред за сликање, а потоа ден и за подигнување на докумените. Да биде иронијата уште поголема, важноста на моите документи истекува за пет години“, вели 50-годишниот скопјанец.

    Голем број граѓани кои доаѓаа да си ги подигнат документите, кога ќе го видеа редот и ќе слушнеа дека луѓето чекаат по 4 часа, а уште не завршиле работа, си заминуваа. За половина час колку што бевме во МТВ дојдоа и си заминаа околу 30 граѓани.

    Голем број граѓани кога ќе го видат редот и ќе слушат дека луѓето чекаат по 4 часа, а уште не завршиле работа, си заминуваат. (Фото: СДК.МК)

    За разлика од шалтерот за редовна постапка, оние кои вадат нови документи по брза постапкаат одат на друг шалтер кој се наоѓа на приземје и таму се чека по петнаесетина минути. Но, голем дел од граѓаните не знаат дека има посебен шалтер за оние кои платиле за брза постапка, па чекаат во редот за редовна.

    „Еден саат чекам и не знаев дека има друг шалтер за брза постапка“, рече еден од граѓаните кој дојде на шалтерот за итна постапка.

    На шалтерот во МТВ се создаваат гужви бидејќи тука се подигнуваат документите на оние кои се сликале во МТВ, но и во новиот пункт во салата во полициската станица „Пролет“. Исто така, во МТВ мора да ги земаат пасошите и личните карти и граѓаните кои се сликале во полициските станици во населбите Ѓорче Петров и Драчево.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за внатрешни работи зошто документите не се издаваат онаму каде се сликале граѓаните туку мора да се доаѓа до МВР и да се создаваат гужви.

    Од Министерството ни одговорија дека се користат сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи.

    „Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС ‘Пролет’.  Што се однесува до подигнувањето на веќе готови документи, шалтерите работат и преку викенд и тоа соодветно го најавуваме преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи. Се разбира, ќе бидат преземени и дополнителни мерки во оваа насока“, велат од МВР.

    Министерот Оливер Спасовски на 26 декември изјави дека интензивно се работи и дека до крај на јануари сите граѓани ќе завршат со сликање за нови лични документи.

    Според Преспанскиот договор со Грција од 2017 година со кој се реши 30-годишниот спор за името на земјава, личните документи мора да се заменат со Северна Македонија до 12 февруари годинава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира