Министерството за внатрешни работи во Скопје почна да ги доставува готовите нови лични карти и возачки дозволи со „Северна“ на домашна адреса. Пасошите и понатаму ќе мора да се подигнуваат на шалтерите во МРТВ или во полициската станица „Беко“.
МВР се реши на овој начин граѓаните да ги добијат новите лични документи поради гужвите кои секојдневно ги има на шалтерите за подигнување документи во МРТВ.
„Доставата на готови лични карти и возачки дозволи на домашна адреса се врши преку полициските станици. Овој пилот проект се спроведува само во Скопје“, велат од МВР.
Од МВР соопштија дека утре, 27 јануари, ќе работат шалтерите за издавање на готови документи во објектите во „Беко“ и МРТВ од 8 до 16 часот.
Малтретирањето на граѓаните за да извадат нови документи не завршува само со чекањето по цел ден за поднесување барања и фотографирање без закажување на пунктот во полициската станица „Пролет“ во Скопје. Продолжува и кога после 15 работни дена ќе отидат да си ги подигнат документите бидејќи стотина граѓани стојат во ред, а редот оди бавно и се чека по 5 часа. Дополнително, пребукирани се и термините за закажување за сликање за што се чека повеќе од 6 месеци.
Според Преспанскиот договор со Грција од 2017 со кој се реши 30-годишниот спор за името на земјава, личните документи мора да се заменат со Северна Македонија до 12 февруари годинава.
А. АНТЕВСКА