Поранешниот Правобранител на Македонија Фехми Стафа кој беше фатен во живо како прима поткуп од 50.000 евра од сестрата на обвинетиот Љупчо Пецов викан Ѓаволот за да влијае во Апелациониот суд, осуден е на една година и три месеци затвор, откако призна вина и се спогоди со обвинител за гонење организиран криминал и со судија од Кривичниот суд. Од притвор, Стафа веднаш е спроведен на издржување на затворската казна.
Осудениот пред да биде фатен со бележаните 50 илјади евра, претходно од сестрата на Пецов зел мито прво од 30.000 евра, па дополнителни 20.000 евра. Вкупно побарал 100.000 евра за да влијае, како што ветувал како адвокат на Пецов, кај судијата Ѓоко Ристов во Апелациониот суд Скопје за да му ја ублажи мерката притвор. Љупчо Пецов тогаш беше во бегство, а обвинет е за финансиски криминал во „Синџир“, случај поврзан со даночни измами и даночно затајување.
Кривичното дело за кое е осуден Стафа е Примање награда за противзаконито влијание. Парите ги примал од октомври до 13 декември 2025, кога беше уапсен.
На новинарски прашања, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, неколкупати кажаа дека во сумата од 350.000 евра закопани во ѕид, најдени во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов кој е во куќен притвор, не биле и овие 50.000 евра што ги зел претходно Стафа во две рати од сестрата на Пецов.
- ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ПОРАНЕШНИОТ ДРЖАВЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ СТАФА, ПРИМИЛ МИТО ОД 50.000 ЕВРА ЗА ДА ВЛИЈАЕ ВО АПЕЛАЦИЈА
- ПОРАНЕШНИОТ ДРЖАВЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА УАПСЕН СО 20.000 ЕВРА, ЗЕМАЛ МИТО ЗА ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ СУДИЈА ОД АПЕЛАЦИЈА
С. К. ДЕЛЕВСКА



