НА 200 ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ПОМАЛИ ОД 3 ГОДИНИ ИМ ТРЕБА ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО

    НА 200 ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ ПОМАЛИ ОД 3 ГОДИНИ ИМ ТРЕБА ЗГРИЖУВАЧКО СЕМЕЈСТВО„Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и му штети на растот и на развојот“, кажа Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ на почетокот на кампањата „На секое дете му треба семејство“ (Фото: УНИЦЕФ)

    Со песната „Галебе мој тажен“ која денес ја пееја млади луѓе на Плоштадот Македонија во Скопје, почна кампањата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ „На секое дете му треба семејство“. Со оваа кампања треба да се поттикнат граѓаните да станат згрижувачи на деца без родители и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов.

    Оваа песна е дел и од промотивното видео на кампањата насловена „Дали имате љубов за давање?“.
    Според програмата на Министерството за труд и социјална политика, до 2020 година сите деца на возраст до три години, треба да се извадат од институциите и да бидат сместени во мали групни домови, згрижувачки семејства или во друг вид соодветно сместување.

    „На секое дете му е потребно семејство. Слоганот на оваа кампања најдобро го опишува процесот на деинституционализација. Термин кој е сложен и тежок за разбирање, но означува реформа која е крајно хумана и насушно потребна во нашата земја,” рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Во моментот над двеста деца помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство се згрижени во големи институции во земјава.

    „Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и му штети на растот и на развојот, затоа што без оглед колку и да е добронамерен и обучен персоналот и без оглед колку е добро опремена големата институција, таа никогаш не може да ја замени љубовта и поддршката на семејната средина,“ рече Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија.

    Тој кажа дека со оваа кампња треба да се мобилизираат доволен број згрижувачки семејства кои имаат љубов за давање на децата кои се сместени во големи институции.

    Во текот на наредните два месеци ќе се организираат отворени денови во триесет града преку локалната самоуправа, центрите за социјална работа и СОС Детско село за да се презентира идејата пред граѓаните и да станат згрижувачки семејства.

    Иницијативата е дел од заложбите на Владата да обезбеди услови за секое дете без родителска грижа во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира