НА 23 МАЈ ПРВАТА ПРЕСУДА ЗА ГРУЕВСКИ ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ОД 600.000 ЕВРА

    НА 23 МАЈ ПРВАТА ПРЕСУДА ЗА ГРУЕВСКИ ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ОД 600.000 ЕВРА„Јас сум обвинет за сакање, сум сакал да се возам во скап блиндиран мерцедес“, рече Груевски во забвршните зборови на денешното рочиште во Судот (Фото: М. Златевска)

    Првата пресуда за експремиерот Никола Груевски, за случајот на СЈО „Тенк“ ќе биде изречена на 23 мај во 12.30 часот. Денеска беа изнесени завршните зборови во судница.

    „Овие процеси против мене се класични политички процеси и ова е политичка тортура. Судството е заробено од политичката партија СДСМ и под надворешен притисок се прифатија невалидни разговори стекнати на нелегален начин. Но, заробеноста на судството нема да трае долго, рече обвинетиот експремиер Никола Груевски во завршен збор како одбрана во случајот „Тенк”, пред да го прекине судијката Добрила Кацарска во Основниот суд Скопје 1, со забелешка да внимава што зборува за судот.

    “И не ми вртете со главата господине Груевски”, јас издржав и не искоментирав ништо што кажавте за мене во јавноста, но тука зборувајте само за доказите во обвинението. Не дозволува судот да држите пресконференција во судница“, рече Кацарска.

    Груевски продолжи дека случајно или не денеска, кога се неговите завршни зборови за судењето во кое е обвинет дека како премиер влијаел врз ексминистерката Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски од МВР да купат од буџетот на МВР за него мерцедес од 600 илјади евра, се водат разговори за преименување на Република Македонија.

    Кај „јас издржав пред преименувањето по терк на јужниот сосед”, Кацарска пак го прекина и му рече да ја прескокне презентацијата на неговите политички ставови во судница.

    Груевски потоа продолжи стриктно за предметот.

    „Јас сум обвинет за сакање, сум сакал да се возам во скап блиндиран мерцедес. Генерации ќе се чудат за ова. Не сум вршел влијанија да се купи мерцедес С 600-гард, не сум барал од никого да поттикнува некого да спроведе нелегална набавка, не сум барал да се возам во блиндиран мерцедес, не сум барал ‘Макаутостар’ да биде фаворизиран, да не се јават други конкуренти…”, рече тој.

    И рече дека тој не ја донел одлуката за вредноста на јавната набавка, туку министерот за финансии.

    „Ни во наводните снимки не сум барал да се набави луксузно возило“, рече тој, не спомнувајќи ги телевизорчињата и масажерите што ги бара во бомбите од Јанкулоска. „Нема нелуксузно блиндирано возило. И ако сакате да знаете, на отворен пат возењето во старо неблиндирано возило е подобро отколку во ново”, рече Груевски и потсети дека и британската премиерка Тереза Меј денеска е превезувана со блиндираниот мерцедес, во прилог на тоа колку е неопходно ова возило за Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира