Ги поддржувам барањата, но мојот конечен став е дека државна матура ќе се реализира на 27 мај и мора да се реализира, како што е предвидено според рокот, рече денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) штрајкува веќе трета недела, со што е неизвесно полагањето на државната матура, најавена за 27 мај и 10 јуни, а 0д тоа зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство. Синдикатот и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк. Синдикатот на 8 мај кажа дека воопшто не е изводливо дека првиот испит ќе се полага на 27 мај.
Шаќири на денешниот настан во Кавадарци кажа дека полагањето на државната матура во предвидените рокови не е само на барање на министерот, туку е и барање на средношколците.
Ако не се одржи државната матура, вели Сојузот на средношколци, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според анализите, овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација.
„Вчера имал состанок Управниот одбор на ДИЦ, и според информациите кои ги добивам, се прават сите подготовки за да се полага на 27 мај. Ако е потребно и кадар на вработени од Министерството за образование и наука (МОБ), ќе доставиме од понеделник, за да може да ги завршиме работните задачи. Ги поддржувам барањата, знаеме дека се работи за мал број вработени, но причина е дека се чека системското решение за Општ колективен договор и после тоа може да се вклучуваат во дискусија помеѓу вработените и директорката на ДИЦ за да се постигне максимумот на нивните барања. Исполнувања на барањата од Финасии е покачување на платите, но според сега што може да се даде максимално“, рече Шаќири.
Од Министерството за финансии вчера ни рекоа дека во врска со барањето на вработените во Државниот испитен центар за измени на Колективниот договор упати до нив предлог решенија кои овозможуваат раст на платите на вработените. Се предлага решение со кое платите на вработените во ДИЦ да се усогласат со платите на административните службеници согласно Законот за административни службеници и законските прописи во Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА