НА БАРАЊЕ НА МВР, СЈО ПРЕДЛОЖИ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИМОТОТ НА ПОМОШНИК МИНИСТЕРОТ ШТО БИЛ ЗАДОЛЖЕН ЗА НАБАВКАТА НА 300 ВОЗИЛА

    НА БАРАЊЕ НА МВР, СЈО ПРЕДЛОЖИ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИМОТОТ НА ПОМОШНИК МИНИСТЕРОТ ШТО БИЛ ЗАДОЛЖЕН ЗА НАБАВКАТА НА 300 ВОЗИЛАСпецијалните обвинителки Фетаи, Јанева и Ристоска на прес-конференцијата на 23 март презентираа 4 истраги за финансиски криминал, вклучувајќи го и случајот „Триста“. (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство поднесе предлог до Основниот суд Скопје 1 за замрзнување на недвижен и движен имот на осомничен во случајот „Триста“, откако оштетено лице пријавило имотно-правно побарување, соопшти попладнево СЈО. Оштетеното лице во случајот е Министерството за внатрешни работи, а осомничениот е помошник-министер во МВР задолжен за јавната набавка на 300 возила за министерството.

    „Во врска со предметот „Триста“, откако е пријавено имотно-правно побарување од страна на оштетено лице, побарано е да се изрече забрана за отуѓување и оптоварување на имот. Имено, до Судот е поднесен предлог за определување привремена мерка за обезбедување на имотноправно барање и тоа: забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на осомничениот. Во предлогот до Судот наведено е точно за кој и каков имот се работи“, соопшти СЈО.

    Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошник министер во Министерството за внатрешни работи, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.

    „Од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот во временскиот период од 23.06.2008 г. до 03.05.2012 г., во Скопје, како службено лице-Помошник министер во МВР, овластен со решение од министерот за внатрешни работи да ги спроведува постапките за јавни набавки во министерството, со искористување на својата службена положба и овластувања, при вршење на јавни набавки, го оштетил буџетот на РМ за износ 27.894.555 денари или 453.570 евра“, кажа тогаш Фетаи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира