Пола тон марихуана проценета на над милион евра, во камион-фрижидер запленија одделите за организиран криминал и за криминалистичка полиција на граничниот премин Богородица на излез од Македонија.
Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција. Засега е уапсено и изведено пред судија на претходна постапка едно лице, рече на денешниот прес во МВР портпаролот Тони Ангеловски.
Кесите марихуана се најдени по извршен претрес во камион-ладилница марка „Ман“, сопственост на фирма која тој не ја откри. Камионот бил управуван од З. А. (46) од Скопје, кој е уапсен.
„При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен“, рече Ангеловски.
Марихуаната во текот на ноември и декември од Албанија ја набавил Д. С. (33) од Скопје. Требало да помине низ Грција и да се продава во Турција.
Бункерот во камионот бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.
Кривична пријава Одделот за организиран криминал поднел и против Д. С. како организатор на транспортот.