На Бојан Јовановски-Боки 13 му се конфискува облеката од скапи брендови во 70 вреќи што му ја одзеде обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет, кажа судијката Васка Николовска-Масевска при изрекување на пресудата во случајот „Рекет“. Ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него, како невработено лице со блокирани трансакциски сметки.
На Јанева, за која судијката кажа дека ја урниса вербата на целата јавност во правосудството, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема готови пари на сметки, ќе бидат присвоени лични предмети или недвижнини во износот со кривичното дело.
Судијката Николовска-Масевска рече и дека на тежината на казната кај Јанева влијаела и нејзината висока функција. Нејзино мислење е, како што кажа, дека високите функционери, т.н. „бели јаки“, треба да добиваат повисоки казни од останатите граѓани, за да служат за пример дека дадената доверба и функција, не смее да се злоупотребува.
Боки 13, првообвинет во „Рекет“, денеска е неправосилно осуден на 9 години затвор за кривичните дела Примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари, додека второобвинетата Јанева неправосилно е осудена на 7 години затвор за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања.
По соопштување на првостепените затворски казни, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска побара продолжување на мерките притвор за двајцата.
„Со оглед на тоа дека сега осудената доби висока казна, но и дека се води пред неа предистражна постапка за друго дело, барам на Јанева да ѝ биде укинат куќниот притвор и да биде вратена во затворот во Шутка”, рече Русковска.
Судијката го одби барање на Русковска за Јанева и таа останува во куќен притвор. На Боки 13 му е продолжен притворот во затворот во Шутка.
С. К. ДЕЛЕВСКА