НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РАБОТИ, АМА НИ ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА НЕ СМЕЕ ДА КАЗНУВА АКО СЕ РАБОТИ

    НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РАБОТИ, АМА НИ ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА НЕ СМЕЕ ДА КАЗНУВА АКО СЕ РАБОТИОвие две неработни денови не се наведени со Законот за празници туку со владина одлука, па оттука инспекторите не можат да постапуваат.(Фото: Г.Конев)

    На денот на изборите 24 април и 8 мај кои Владата ги прогласи за неработни, Трудовата инспекција не може да казнува или затвора објекти. Овие два неработни денови не се утврдесни со Законот за празници туку со владина одлука, па оттука инспекторите не можат да постапуваат. Тоа значи дека приватните фирми или компании можат да работат ако сакаат, не треба да им даваат празнична дневница на вработените и не може заработат казна, ама и вработените не мора да доаѓаат оти се заштитени со одлука на Владата.

    Оваа одлука е спротивна од онаа која Министерството за труд и социјална поликата ја доставила до Влада со предлог да биде усвоена. Во одлуката на Министерството стои дека ‘се препорачува‘ 24 април и 8 мај да бидат неработни денови. Но, во владината одлука делот ‘се препорачува‘ се брише.

    Голем број приватни компании денеска се затекнати од одлуката на Владата и не знаат дали смеат да работат, како да ги пресметаат дневниците, па постојано вртат во Трудовата инспекција и бараат одговори. Арно ама, со одлука на Владата и трудовите инспектори не треба да одат на работа.

    Директорката на Трудовата инспекција Весна Томоска потврдува дека голем број фирми бараат објаснување дали смеат да работат или не. Вели дека во наредните денови ќе се координираат со надлежните институции како да постапуваат инспекторите.

    „Со одлуката на Влада 24 април и 8 мај се неработни денови за сите граѓани и не треба да работат. Ние како Трудова инспекција не можеме да казнуваме оти не станува збор за неработни денови утврдени со Законот за празници. Ќе чекаме насоки од надлежното Министерство за труд и социјална политика како да постапуваме“, вели Томоска.

    Од Владата велат одлуката 24 април и 8 мај да бидат неработни денови е донесена тргнувајки од уставно загарантираното право на секој граѓанин да му се овозможи непречено да го оствари своето право да гласа, како што е законски пропишано, во изборната единица во којашто е регистриран, односно на избирачкото место согласно местото на живеење.

    „Владината одлука се однесува на сите граѓани и сите правни субјекти во државата се должни да ја почитуваат. Секако, исклучок има само кај правните субјекти каде што процесот на работа не смее да биде прекинат, но и овие субјекти се должни да го организираат начинот на работа, на начин, на којшто избирачкото право на ниту еден граѓанин/работник, нема да биде попречено“, велат од Владата.

    Од таму додаваат дека во случај на непочитување на владината одлука, ќе се постапи согласно позитивните законски прописи, но не кажуваат дали ќе се казнуваи врз каква основа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира