Денес се испишуваат од болничко лекување 16 пациенти кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Во пожарот во дискотеката загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца. Од повредените 115 се испратени на лекување во странство.
Во Скопје ќе останат да се лекуваат 30 пациенти. Од пациентите во странство, 4 се во покритична состојба.
„Сега во фаза на инфекции, можни се компликации. И колегите во странство даваат максимум. Почнуваме да се подготвуваме за прием на пациенти од странство. Оваа недела очекуваме 8 пациенти да се вратат, а во наредните 2 недели, барем половина да се вратат. Тријажата по враќањето ќе биде на Клиниката на која бил примен пациентот, а потоа ќе се испрати на друга клиника каде треба да продолжи лекувањето“, рече Таравари.
Со оглед на тоа дека повеќето од пациентите се од Кочани, министерот кажа дека тим од пластични хирурзи од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија ќе оди во тамошната болница, за да не се малтретираат пациентите да доаѓаат во Скопје.
Oсновниот суд Кочани одреди мерка 30 дена притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителство бараше изрекување на мерката во рамки на истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Меѓу 24-те лица на кои им е одреден притвор се и тројца градоначалници на Кочани. Станува збор за градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.
Б. НЕСТОРОСКА