НА КРАЈ НА МАРТ ЌЕ СТИГНАТ ВАКЦИНИТЕ НА „ФАЈЗЕР“, НАПРАВИВМЕ СЀ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ОБЕЗБЕДИМЕ ПОТРЕБНИТЕ ДОЗИ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    НА КРАЈ НА МАРТ ЌЕ СТИГНАТ ВАКЦИНИТЕ НА „ФАЈЗЕР“, НАПРАВИВМЕ СЀ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ОБЕЗБЕДИМЕ ПОТРЕБНИТЕ ДОЗИ, РЕЧЕ ЗАЕВКон крајот на март ќе стигнат 21.000 дози од вакцините на „Фајзер“. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев денеска најави нов рок за пристигнување на вакцините со кои ќе почне вакцинацијата на населението. Заев одговарајќи на новинарско прашање на почеток на изградба на нов далновод  Штип-Овче Поле, кажа дека кон крајот на март ќе стигне првата тура од вакцините на „Фајзер“.

    „Договорот од ‘Фајзер‘ стигна, до крајот на март ќе добиеме 21.000 доза од вакцините. Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини. Не се работи за несериозност, знае нашиот народ дека се работи за недостаток на вакцини во целиот свет. Сакам да ги уверам граѓаните дека ние како Влада имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини“, рече Заев.

    Тој објасни дека земјава досега има нарачано 2,5 милиони дози вакцини од различни производители, а за да постигнеме имунизација на населението треба да се вакцинираат еден милион граѓани.

    „Потребни ни се два милиона дози. Ние имаме нарачано 800.000 од „Фајзер“, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, потоа 400.000 од Кина, 200.000 од Русија. Исто така имаме дополнителни и од ЕУ преку грантот од 70 милиони евра за Западен Балкан како и најавени донации за соседите и со тоа стигаме до 2,5 милиони дози“, рече Заев.

    Во земјава досега единствено се вакцинирани над 2.500 медицински лица, од над 8.000 дози вакцини добиени од Србија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира