НА МАКЕДОНИЈА Ѝ СЕ ПОТРЕБНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИ, ВОДОВОДИ И КАНАЛИЗАЦИИ, ПОКАЖА НАЦИОНАЛНАТА СТУДИЈА ЗА ВОДИ

    НА МАКЕДОНИЈА Ѝ СЕ ПОТРЕБНИ 1,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИ, ВОДОВОДИ И КАНАЛИЗАЦИИ, ПОКАЖА НАЦИОНАЛНАТА СТУДИЈА ЗА ВОДИВо моментов во Македонија има осум пречистителни станици, а предвидено е да се изградат уште 120, се вели во проектот Национална студија за води (Фото: МИА)

     

    Македонија треба да вложи 1,35 милијарди евра во пречистителни станици, водоводни и канализациски системи во наредните 21 година. Ова е главниот заклучок од проектот Национална студија за води, со кој е изготвен план за инвестициите и дефинирани се политиките за управување со води, а поддржано од Европската унија.

    Според Националната студија за води, овие пари во најголем дел треба да се обезбедат преку европските фондови, други донтаори, а потоа и од домашниот буџет, како и од буџетот на Општините.

    „Со овој проект се прави репрограмирање како ќе се распределат овие инвестиции. Дефинирани се политики, врз основа на европските стратешки политики за води. Со овие средства од 1,3 милијарди евра треба да се обноват постоечките и да се изградат нови водоводни и канализациски системи. Во моментов во Македонија има осум пречистителни станици, а предвидено е да се изградат уште 120. Според постоечката законска регулатива во земјава секое населено место со над 2.000 жители треба да има пречистителна станица на отпадни води, но со проектот планирани се и места со помалку жители, бидејќи идејата е загадувањето на водните текови и ресурси да се намали за 70 отсто“, велат од проектот Национална студија за води, Ептиса.

    Јадранка Иванова, од Министерството за животна средина вели дека со овој проект направен е прецизен план со кои проекти прво Македонија да конкурира во ИПА фондовите за средства и одредени се приоритети во која општина колку и како да се инвестира.

    „Според планот, на пример во Скопје, до 2023 треба да е во тек градба на пречистителната станица, која според физибилити студијата ќе чини 117 милиони евра. Предвидено е Скопје да има две помали пречистителни станици, кај Сарај и Волково, и една поголема после наслебата Лисиче. Во меѓувреме треба да се обезбедат средства“, вели Иванова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира