НА ПОЛНОЌ ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ВЛАДАТА НА ЗАЕВ ЌЕ ПАДНЕ ИЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЕ ПАК ДОВЕРБАТА ОД ПРАТЕНИЦИТЕ

    НА ПОЛНОЌ ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ВЛАДАТА НА ЗАЕВ ЌЕ ПАДНЕ ИЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЕ ПАК ДОВЕРБАТА ОД ПРАТЕНИЦИТЕБарањето за гласање доверба на владата на Зоран Заев, според Деловникот треба да го образложи еден пратеник кој го поставил прашањето за доверба. - Поранешниот и сегашниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Драган Данев и Антонијо Милошоски и Горан Манојловски на гласањето на Законот за употреба на јазиците на 14 март (Фото: СДК.МК)

    Со барањето за гласање доверба, опозицијата по речиси четири месеци бојкот, се враќа во Собранието. Седницата на која што ќе се расправа за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање на доверба владата на премиерот Зоран Заев е закажана за 11 часот.

    Опозицијата го бојкотираше Собранието поради притворањето на шестемина пратеници во декември, обвинети дека учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година.

    Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека барањето за доверба го поднеле поради десетмесечното катастрофално работење на владата, предводена од лидерот на СДСМ Зоран Заев.

    За разлика од опозицијата, од парламентарното мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека добро е што ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за гласање за доверба на владата, оти ќе имале можност да ги побијат сите нивни аргументи. Тие велат дека новата влада исправила доста од катастрофалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога лидер беше Никола Груевски. Не очекуваат да има изненадување и да се изгласа недоверба на владата.

    „Добро е што се врати ВМРО-ДПМНЕ и што постигнавме консензус за реформските закони. Работите се решаваат во Собранието, а не на улица. Се надеваме дека ќе ги изгласаме законите пред објавување на Препораката на ЕУ на 17 април“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од мнозинството.

    Во барањето на ВМРО-ДПМНЕ, како причини за гласање на доверба на владата наведени се критики за партизираност на институциите, судството, насилничкото гласање на Законот за употреба на јазиците, владиниот план за влез во ЕУ, 3-6-9, како и за големите задолжувања.

    Опозицијата во говорите најмногу критики за работата ќе имаат за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, за образование, Рената Тренеска Десковска, за здравство Венко Филипче и за министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Како погубни за државата, опозицијата ги смета и Договорот за добрососедство со Бугарија, начинот на водење на преговорите во спорот за името со Грција и друго.

    Пратениците на Движењето Беса велат дека нема да го поддржат барањето за гласање за доверба, иако имаат големи забелешки за водењето на ресорите за неколку министри, посебно од ДУИ.

    Од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, не сакаа да обелоденат како ќе настапат на седницата, туку рекоа дека нивниот став ќе се дознае на седницата.

    Според собранискиот Деловник, право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути.

    Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата.

    Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

    Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието. За изгласување недоверба на Владата се потребни минимум 61 пратенички глас и се гласа на полноќ. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата.

    Опозицијата со 41 потпис во неделата го достави барањето за гласање на доверба на Владата на СДСМ и ДУИ предводена од премиерот Зоран Заев.

    Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на парламентарните избори во декември 2016 година доби 51 пратеник.

    Од нив, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите (СРМ), Чедомир Саздовски (ГРОМ) и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците ја напуштија коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и сега ја поддржуваат владата на Зоран Заев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира