НА ПОЛНОЌ ЗАПОЧНУВА МОЛКОТ, В СРЕДА ЌЕ СЕ ГЛАСА НА СЕДМИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И 11. ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

    НА ПОЛНОЌ ЗАПОЧНУВА МОЛКОТ, В СРЕДА ЌЕ СЕ ГЛАСА НА СЕДМИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И 11. ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИВо вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 (Фото: СДК.МК)

    Денеска е последниот ден од кампањата за вториот круг од седмите претседателски и 11. парламентарни избори на 8 мај. Кампањата за претседателските избори започна веднаш по првиот круг од изборите, додека дваесетдневната кампања за парламентарните избори на 18 април. На полноќ започнува молкот пред изборите, кој завршува со затворањето на гласачките места на 8 мај во 19 часот.

    Во вториот круг од претседателските избори гласачите ќе можат да се определат за Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, која во првиот круг на 24 април освои 363.085 гласови и Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ, кој доби 180.499 гласови.

    На парламентарените избори ќе се гласа за 17 листи на кандидати. Листи имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, коалицијата Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ и политичките партии Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија. Земјата е поделена во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за некои изборни единици.

    На 8 мај, во вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1.033, генерално поради граѓаните кои стекнуваат полнолетство.

    Се гласа на 3.480 избирачки места, а избирачите во текот на денот ќе можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да гласаат. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т. н. фингерпринт апарати.

    Утре, односно ден пред изборите, први гласаат болните, изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори.

    Иако кампањата и подготовките за изборите се совпаднаа со велигденските празници, ДИК навреме го достави недоверливиот материјал до општинските изборни комисии.

    Коалициите и партиите денеска ќе ги одржат последните митинзи. Официјално се најавени завршниот митинг на коалицијата „ВЛЕН“ во Тетово, собирот на Левица во Скопје, митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Кривогаштани, Крушево и Прилеп и прес-конференции на ЗНАМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира