НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА НЕМА НИЕДНО КОНТРАЦЕПТИВНО СРЕДСТВО, МЕДИКАМЕНТОЗНИОТ АБОРТУС Е ДОСТАПЕН САМО ВО СКОПЈЕ

    НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА НЕМА НИЕДНО КОНТРАЦЕПТИВНО СРЕДСТВО, МЕДИКАМЕНТОЗНИОТ АБОРТУС Е ДОСТАПЕН САМО ВО СКОПЈЕИако со Законот за прекинување на бременоста од 2019 година им се овозможува поголема репродуктивна слобода на жените, голем е бројот на жени кои немаат пристап до овие лекови.(Фото: ХЕРА)

    Сѐ уште нема ниедно контрацептивно средство на позитивната листа на лекови, додека медикаментозниот абортус е достапен само во Скопје, беше кажано на одбележувањето на Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус. Како што кажаа докторите и претставниците од ХЕРА, иако со Законот за прекинување на бременоста од 2019 им се овозможува поголема репродуктивна слобода на жените, голем е бројот на жени кои немаат пристап до овие лекови.

    Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК) во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, кажа дека четврта година по ред УГАК успешно го спроведува медикаментозниот абортус како најбезбеден начин за прекин на бременоста.

    „Земајќи го неприкосновеното право на жената на сопствен избор, Клиниката за гинекологија и акушерство, со поддршка на Министерството за здравство и ХЕРА, обезбедува квалитетни ресурси и услови за медикаментозниот абортус да биде избор на преку 80% од пациентките подложени на прекин на бременоста. Една од најголемите причини за смртност кај мајките во светот се компликациите поврзани со нелегалните интервенции за прекин на бременоста и затоа медикаментозниот абортус треба да биде лесно достапен и изведен согласно најдобрите светски стандарди“, кажа Алексиоска-Папестиев.

    Проф. д-р Глигор Тофоски, специјалист гинеколог во УГАК и претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари, истакна дека легалноста на абортусот е еден од најважните параметри.

    „Од 2019 во земјава има Закон за прекин на бременост, кој ги унапредува правата на жените. Од 2020 имаме и клиничко упатство за прекин на бременоста, подготвено од експерти од областа на гинекологија и акушерство, за тоа како треба методот да се применува“, рече тој.

    Ева Спасевска, раководителка на програмата за сексуална и репродуктивна грижа во ХЕРА, рече дека иако абортусот е легален и достапен во земјава, абортусот сѐ уште не е покриен со системот на државно здравствено осигурување.

    „Високите трошоци го загрозуваат пристапот до безбеден абортус и токму поради истите, сѐ уште сведочиме на случаи на нелегален абортус. Меѓународните препораки упатуваат и на тоа дека државата треба да обезбеди универзално покривање на сите трошоци поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и современите методи на контрацепција, што е предвидено со владината програма за 2022-2024 година, но сѐ уште немаме ниедно контрацептивно средство на товар на Фондот за здравствено осигурување. Македонија ја има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, што изнесува само 14 проценти“, рече Спасевска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира