Нема да одат на работа само тие лица со хронични болести кај коишто лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба која што се вика егзацербација, односно влошување во рамките на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман и е дополнителен ризик по здравјето на пациентот, вели министерот за здравство Венко Филипче. Неговата изјава следи по најавата дека Комисијата за заразни болести ќе предложи до Владата да се вратат на работа лицата со хронични болести, а пак мајките на кои им е продолжено породилното отсуство поради коронакризата, дома да бидат до 31 декември.
Министерот вели дека тоа е препораката и оставаат на стручноста, експертизата на лекарите специјалисти да направат соодветна проценка.
По најавата на Комисијата, реaгираше Здружението за помош и поддршка на лица со малигни заболувања “Љубов сме – Jemi Dashuri“, кое вели дека со враќањето на работните места пациентите со карцином, кои и онака веќе се со кревко здравје, се ставаат во животозагрозувачка состојба.
„Сакаме да апелираме до надлежните да не дозволат цената од собиранките, групирањата и живеењето ‘со полна пареа’ да ја платат луѓето кои поради својата болест спаѓаат во ризичната група. Би сакале да потсетиме дека поради пандемијата многу од луѓето кои неодамна ја добија дијагнозата рак, беа принудени наместо во јавните, да се оперираат во приватните здравствени установи, а оние коишто немаа средства за да си го дозволат тоа беа ставени на листа на чекање. Оние кои веќе се оперирани се оневозможени да ги направат контролите на време, со што секако ризикуваат од влошување на здравствената состојба“, велат од Здружението.
Филипче, на денешното одбележување на 10-годишнината од именувањето на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ според Денот на независноста, кажа дека разгледувале повеќе аспекти кога го дискутирале ова прашање.
„Не е ад хок одлука, туку е резултат на дискусија којашто ја водиме на повеќе состаноци веќе изминатите повеќе од три недели. Суштината е дека практично за сите економски оператори, за сите компании и сите организации има протоколи по коишто се работи. Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести, луѓе коишто имаат практично сосема нормални животни активности и никако не се доведуваат во ризик доколку ги почитуваат протоколите на своите работни места. Во таа смисла е донесена одлуката да се даде препорака пациентите коишто имаат дијагноза хронична болест и оние коишто имаат малигни болести, практично да се вратат на своите работни места“, рече министерот.
Б. НЕСТОРОСКА