НА РАДИОЛОГИЈА ДВАТА ТОМОГРАФА РАСИПАНИ, ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ СНИМА ВО ТРИ СМЕНИ

    НА РАДИОЛОГИЈА ДВАТА ТОМОГРАФА РАСИПАНИ, ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ СНИМА ВО ТРИ СМЕНИВо Градската општа болница „8 Септември“ велат дека за два недели направиле 912 компјутерски снимања дење - ноќе.(Фото:СДК.МК)

    На Клиниката за радиологија еден месец не се прават снимања на компјутерски томограф, оти двата апарата се во дефект. Сите пациенти на кои им е потребна ваква дијагностика се препраќаат во Градската општа болница „8 Септември“, од каде велат дека за два недели направиле 912 компјутерски снимања.

    Од Министерството за здравство велат дека едниот од двата томографи на Радиологија е поправен и денес е пуштен во употреба, а за другиот во тек е јавна набавка за замена на расипаниот дел.

    „Работиме турбо. Сите пациенти кои на Клиника не може да ги снимаат, оти не им работат компјутерите, доаѓаат кај нас. За среќа, имаме добра екипа која работи во три смени и досега ниеден пациент не е вратен, ниту пак е оставен да чека“, вели Кристијан Костов, директор на „8 Септември“.

    Тој вели дека проблем се итните пациенти со повреди на градниот кош, кои не може да ги хоспитализираат, оти во болницата нема специјалист за торакална и васкуларна хирургија.

    „Иако овие пациенти не се многу на број, сепак проблем е кога ќе дојде таков пациент со повреди на граден кош или со крварење во бели дробови. Кај нас можеме да направиме само снимка на компјутерски томограф и потоа пак ги враќаме на клиника“, вели Костов.

    Тој смета дека засега болницата може да одговори на зголемената работа, но дека ако ова потрае ќе ги потрошат годишните залихи од потрошните материјали, а и катодната цевка може брзо да се истроши.

    „Ако редовното сервисирање на томографите, а имаме два – еден помал и еден поголем, е на три месеци, сега ги викаме почесто за да нема проблеми. Но, ако наскоро не почнат со работа на Клиника, и ние ќе имаме проблем со апаратите“, вели Костов.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира