НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТРЕЗОР“ СЕ ПУШТАА РАЗГОВОРИ МЕЃУ БРАЌАТА МИЈАЛКОВИ ЗА НАБАВКА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ

    НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТРЕЗОР“ СЕ ПУШТАА РАЗГОВОРИ МЕЃУ БРАЌАТА МИЈАЛКОВИ ЗА НАБАВКА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕСашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ во "Трезор" се обвинети за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија. - Сашо Мијалков (Фото: СДК.МК)

    На судењето за „Трезор”, кое по 4 месеци едвај почна денеска во Основниот суд Скопје 1, беа пуштани 4 прислушувани разговори во врска со незаконската набавка на опремата за прислушување од Англија.

    Во разговор меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за набавката на софтвер за прислушна опрема во УБК, таа потврдува дека фирмата која го добила тендерот е „Финзи”, на Коста Крпач.

    „Таа е фирмата, домашна била, Финзи. Таа е што ти се јавувале. Ете, несакајќи ќе дознаеме вака еден куп работи, хахахаха”, му вели Јанкулоска на Ставрески. „Јас во финансии работам и пари нема во буџетот”, коментира Ставрески за набавката од која „Финзи” заработила незаконски 800.000 евра државни пари.

    На 9 март 2011 година обвинетиот Сашо Мијалков во разговор со брат му Влатко Мијалков кој раководеше со Царина, го информира дека на аеродром е стигната опрема за УБК.

    „Дај нека не р’чкаат таму”, му вели Сашо на Влатко. „Ама системот ја става”.

    „Јави им се таму да не ја ставаат. На аеродром е. Тоа е за УБК. За нас е”, му вели Сашо на братот.

    Истиот ден тие пак се слушаат и Сашо Мијалков му прецизира на братот дека увозник на опремата е „Финзи”: „Не ја отворајте, директно кај нас носете ја. Пиши Финзи и готово“.

    Во последниот разговор со лицето Саша Глишиќ (од Царина, н.з.), Влатко Мијалков му кажува:

    „Има една фирма се вика Финзи. Тоа е за специјална опрема за МВР. Високо софистицирана опрема е, кажи им да не отвораат таму. Кажи им да не пипкаат, сензибилна е работава. Директно во УБК да ја носат“.

    Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ во „Трезор” се обвинети за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија.

    Големата сума пари од МВР, односно од државниот Буџет, легнала на сметката на фирмата „Финзи”, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште во април лани, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма.

    Крпач во времето кога бил застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира