НА ВМРО-ДПМНЕ Ѝ БЕШЕ УКАЖАНО ДА ГЛЕДА ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС, А НЕ НА ПАРТИСКИ ПОЕДИНЦИ, ВЕЛИ ДЕСКОСКА ЗА СТАВОТ НА ХОЛАНДИЈА ДА НЕ ДАВА ДАТУМ БЕЗ СЈО

    НА ВМРО-ДПМНЕ Ѝ БЕШЕ УКАЖАНО ДА ГЛЕДА ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС, А НЕ НА ПАРТИСКИ ПОЕДИНЦИ, ВЕЛИ ДЕСКОСКА ЗА СТАВОТ НА ХОЛАНДИЈА ДА НЕ ДАВА ДАТУМ БЕЗ СЈОДескоска рече и дека внимателно следи низа општи одредби на кои инсистира партијата на Мицкоски во законот, да не случајно се протне индиректна амнестија на осомничените лица во истрагите. - Министерката за правда Рената Дескоска (Фото: СДК.МК)

    Само од решавањето на иднината на СЈО зависи дали Холандија ќе одобри добивање датум за преговори со ЕУ,  откако Владата на Холандија вчера соопшти дека инсистира на брзо усвојување на законот со кој ќе се осигура гонење на корупција кај високите функционери. Сега датумот зависи од согласноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да го прифати предложениот закон за статусот на СЈО, со кој му се одврзуваат рацете да ги доврши почнатите истраги и да брка актуелна висока корупција. Министерката за правда Рената Дескоска не попушта, како што кажа, пред барањето за амнестија од преговарачите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводени од Антонијо Милошоски, кој и самиот е еден од осомничените во истрага на СЈО.

    „Во целиот изминат период укажувавме на значењето на овој закон и повикувавме ВМРО-ДПМНЕ европската иднина на земјата да ја стави пред личните интереси на поединци во нивната партија. Се надевам дека оваа порака од Хаг ќе ја сфатат сериозно и ќе се однесуваат одговорно кон државата“, одговори Дескоска за САКАМДАКАЖАМ.МК, на прашање што ќе се случува понатаму, сега откако се знае ставот на Холандската влада дека согласност за датум нема да даде без да се реши статусот на СЈО.

    „Холандската влада ќе инсистира пред Европскиот совет да го постави брзото усвојување на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО, како услов за одредување датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ“, изјавија вчера од Холандската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Холандскиот парламент во средата ги одби двете предложени резолуции да не се поддржи почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија. Двајца холандски пратеници, Ренске Лејтен од Социјалистичката партија и Вики Мејер од Партијата на слободата, поднесоа речиси идентични предлог-резолуции против одредување датум за преговори со ЕУ. За предлогот на Мејер гласаа 22 пратеници, а против беа 128, додека предлогот на Лејтен доби поддршка од 48 пратеници, а 102 беа против.

    Но, нивната Влада ќе инсистира првин на статусот на СЈО, без оглед на гласањето за датумот во нивниот Парламент. Како што кажа директно деновиве министерката Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ бара целосно запирање на истрагите што ги отвори СЈО по 30 јуни 2017 година, а за кои има најдено докази и изјави од сведоци. Дескоска рече и дека внимателно следи и низа општи одредби на кои инсистира партијата на Мицкоски во законот, за да не се протне индиректна амнестија на осомничените лица во истрагите.

    Таа целосно го отфрли барањето на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се повеќето осомничени во истрагите на СЈО, да има и одговорност на обвинителите што гонеле криминал по 18 месеци од приемот на бомбите, т.е. по 30 јуни 2017 година. Таа рече дека и сега во Северна Македонија едно обвинителство отвора постапка, потоа друго презема, откако ќе се утврди надлежност на тоа друго, па и трето обвинителство, во насока на тоа дека редовното Обвинителство може да преземе дел од тие истраги.

    Мицкоски јавно никаде не кажува дека е за целосно запирање на истрагите на СЈО и за уништување на доказите. Тој напротив, вели дека тие истраги треба да ги преземе Јавното обвинителство и да се испитаат сомневањата до крај. Но, резултати од таа негова волја, нема на теренот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира