Вработените во приватниот сектор кои се заразиле со коронавирус или отсуствуваат од работа поради контакт со заразени, а немаат симптоми, да примаат надомест за боледувањето по закон и по колективен договор, препорача Владата.
Фирмите и државата да ги покриваат боледувањата во износи утврдени со закон и со колективен договор, е препораката. За разлика од овој сектор, за администрацијата Владата донесе заклучок да и се исплаќа боледување по закон и колективен договор.
Владата на денешната седница ја усвоила Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од ковид-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимптоматични и на вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во изолација.
1. Се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од ковид-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимптоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени ковид-19, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Владата препорачa висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
2. Владата заклучи висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од ковид-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимптоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени од ковид-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.
С. К. ДЕЛЕВСКА