НАЧИНОТ НА ИЗДАВАЊЕ ЛЕКОВИ ОСТАНУВА ИСТ КАКО И ДОСЕГА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА УКИНУВАЊЕТО НА КВОТИТЕ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТА

    НАЧИНОТ НА ИЗДАВАЊЕ ЛЕКОВИ ОСТАНУВА ИСТ КАКО И ДОСЕГА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА УКИНУВАЊЕТО НА КВОТИТЕ ВО ТУРИСТИЧКИТЕ МЕСТАМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека укинувањето на квотите во аптеките во туристичките региони е првиот чекор кон целосно укинување на квотите, кое треба да се спроведе во целост најдоцна до октомври 2019. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека како и досега и во иднина сите пациенти кои не се во можност лично да отидат во аптека од здравствени причини, ќе можат да ги подигнат лековите преку членовите на нивните семејства. Појаснувањето на министерот доаѓа по неговата вчерашна изјава дека од аптека лекот ќе може да го подигне лично оној на кого е препишан, а дека се работи и на решение за оние што не се во состојба сами да ги подигнат лековите.

    „Од денеска, жителите на Охрид, Струга, Ресен, Дојран и Гевгелија ќе имаат лекови во секое време, во било кој ден од месецот. Во екот на туристичката сезона, обезбедуваме непречена достапност на лековите и за жителите и за туристите. Начинот на издавање на лековите останува ист како и до сега. Со укинувањето на квотите во аптеките го надминуваме проблемот со недостаток на лекови. Отсега, лековите ги правиме подостапни за пациентите и изнаоѓаме контролни механизми за да нема злоупотреби. Сите пациенти кои не се во можност лично да отидат во аптека од здравствени причини, тие ќе можат како и досега да ги подигнат лековите преку членовите на нивните семејства“, вели Филипче.

    Тој кажа дека укинувањето на квотите во аптеките во туристичките региони е првиот чекор кон целосно укинување на квотите, кое треба да се спроведе во целост најдоцна до октомври 2019.

    „Лекови без квоти, континуирано, во било кој ден од месецот е стратешкиот план на Министерството за здравство“, вели Филипче.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира