Над 60 нови потенцијални дарители се запишаа во Македонскиот дарителски регистар на коскена срцевина, на пунктот на кампањата „Биди срцевина, биди херој” во рамките на денешната 10. Авицена женска трка, соопштија од кампањата. Националната кампања „Биди срцевина, биди херој” промовира дека секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина односно матични крвни клетки, а се одвива во континуитет од април 2019, во соработка помеѓу Универзитетската Клиника за хематологија и Институтот за имунобиологија и хумана генетика, поддржана од Министерството за здравство.
Секој на возраст од 18 до 50 години кој е во добра здравствена состојба може да стане дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина со дарување 5 мл крв.
На трката учествуваа жените од експертските тимови од Универзитетската Клиника за хематологија Скопје и Институтот за имунобиологија и хумана генетика, кои ја спроведуваат трансплантацијата на коскена срцевина, подржани од проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и од амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз. Тие трчаа за пациентите со малигни хематолошки болести за кои единствена можност за излекување е трансплатацијата на коскена срцевина, за да го свртат вниманието на јавноста и да ја подигнат свеста за запишување во Македонскиот дарителски регистар на коскена срцевина.
„Инциденцијата на малигни болести за кои единствена опција за излекување е трансплантација на матични крвни клетки, глобално е во константен пораст. Во светот, на секои 4 минути еден човек заболува од леукемија. Од овој процес не е заобиколена ни нашата земја. Секој нов потенцијален дарител значи поголема шанса за совпаѓање, а со тоа и можност за излекување. Потребно е континуирано зголемување на бројот здрави дарители на возраст од 18 до 55 години. Во националниот регистар бројот на доброволни потенцијални дарители е скоро дуплиран со започнување на кампањата, но далеку сме од очекуваните бројки. Дарувањето матични клетки е динамичен процес, бидејќи листата на потенцијални донори е менлива категорија“, вели д-р Ирина Пановска – Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
Во Македонија засега има 5.500 членови.
Во моментот, во хрватскиот регистер на потенцијални дарители на матични клетки се запишани 60.000 доброволни донори, а според бројот на население Македонија би требало да има најмалку 20.000 потенцијални дарители, со што се зголемува можноста несроден дарител да биде пронајден во националниот регистар на донори.
А. АНТЕВСКА