На два големи екрана во судницата до затворот „Идризово“, Обвинителството ги презентираше обдукциските наоди со причина за смртта на сите 63 жртви во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март 2025 година во Кочани. Секој од починатите беше прочитан по име и презиме, родителите плачеа.
Според наодите извршени од Институтот за судска медицина, а кои ги читаше обвинителката Наташа Сарамандова, 50 од нив починале од труење со јаглерод моноксид и нивната смрт била насилна.
Четворица од жртвите починале од гмечење, од притисок врз градниот кош. Тројца од жртвите починале како резултат на недостаток на воздух, на кислород.
Кај жртвите кои починале во текот на лекувањето, исто така, констатирана е насилна смрт од акутна слабост на белите дробови од труење од јаглероден моноксид.
Едниот од подоцна починатите, имал изгореници од трет степен на главата и на телото.
Со ова всушност тимот обвинители ја почна фазата за изведување материјални докази.
Тие предложија да биде сослушано и вешто лице кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење. Изведоа и писмен одговор од Институтот, кој ќе им биде секако даден во копија на сите обвинети и адвокати, за да знаат колкаво присуство на јаглерод моноксид во крвта е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид. Натаму, која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, па дали би биле спасени отруените ако биле подложени на кислородна терапија и други одговори на поставувани прашања и дилеми.
Родителите и денеска изразија негодување дека одредени адвокати тврдат оти нивните деца биле пијани и од тоа настрадале. Дел од адвокатите реагираа дека не бил изведен делот од обдукцијата во кој како што тврдат, се констатирало дека значителен дел од жртвите вдишале водороден цијанид.
И денеска адвокатката на првообвинетито Дејан Јованов, викан Газда Деко, побара притворот да му биде заменет со куќен, поради влошената здравствена состојба од направена операција. Обвинителството се држи за вешто лице кое проценува дека Јованов има услови за лекување во затворот, но ќе ја прочита дополнителната медицинска документација и ќе се изјасни на следното рочиште.
С. К. ДЕЛЕВСКА



