НАД МИЛИОН ЕВРА ЌЕ ИМ БИДАТ ВРАТЕНИ НА ГРАЃАНИТЕ ОД ВИКЕНДОТ БЕЗ ДДВ

    НАД МИЛИОН ЕВРА ЌЕ ИМ БИДАТ ВРАТЕНИ НА ГРАЃАНИТЕ ОД ВИКЕНДОТ БЕЗ ДДВMинатиот продолжен викенд од купени македонски производи и комјутерска опрема бил остварен промет од 9 милиони евра. (Фото: Ѓ.Личовски)

    1,1 милион евра ќе бидат вратени кај граѓаните од мерката „Викенд без ДДВ“. Како што соопштија од Управата за јавни приходи минатиот продолжен викенд од купени македонски производи и компјутерска опрема бил остварен промет од 9 милиони евра.

    „Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204.088 граѓани купиле  македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените  фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Управата за јавни приходи ќе им ги исплати парите на граѓаните  на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки“, велат од Управата за јавни приходи.

    Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде повторен Викенд без ДДВ одговори дека тоа ќе зависи од сугестиите на граѓаните.

    „Сиромаштија е, луѓето штедат пари и дури и да им дадете производи без ДДВ ќе купат тоа што навистина им треба. Ќе размислиме дали ќе го повториме или ќе најдеме друг начин да дадеме пари кај граѓаните. И да имаме пак за неколку недели Викенд без ДДВ не верувам дека многу ќе се зголеми прометот бидејќи тие што сакале купиле сега“, рече Заев.

    Од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи во овој Викенд без ДДВ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец е за 2.2 пати зголемена. Дополнително скенирани се 3 пати повеќе фискални сметки и остварен е и 9,5 пати поголем промет од македонски производи овој викенд во однос на истиот од минатата година.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира