Над пола милиони граѓанки и граѓани се целосно ревакцинирани против ковид-19 во земјава. Според податоците од Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 674.510 граѓани од кои 503.401 се со две дози. Само вчера прва доза вакцина вчера примиле 13.108 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.712 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.177.911 дози вакцини.
Во оваа статистика не влегуваат македонските државјани што се целосно вакцинирани во Србија кои според непотврдени информации се околу 30.000, но здравствените власти од двете држави уште ги немаат вкрстено податоците.
Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 68% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 64% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 55% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Од вчера Министерството за здравство ја почна кампањата „Вакцинирај се“ со цел да се поттикнат граѓаните да се имунизираат и да се спречат лажните вести кои се шират од антиваксерите.
Во земјава во полн замав е четвртиот бран зараза со ковид-19, а според вчерашните податоци активни се 11.042 болни, најмногу во Скопје, Тетово, Гостивар и Куманово.
А. АНТЕВСКА