„НАДВОР Е СÈ ПОД КОНТРОЛА“, МИ ПИША ЧАВКОВ, И ПОТОА 2 ЧАСА БЕШЕ ИСКЛУЧЕН, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ НУХИУ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    „НАДВОР Е СÈ ПОД КОНТРОЛА“, МИ ПИША ЧАВКОВ, И ПОТОА 2 ЧАСА БЕШЕ ИСКЛУЧЕН, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ НУХИУ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОМинистерот Агим Нухиу и неговиот помошник за односи со јавност Јован Ламановски на прес-конференција во МВР на 28 април 2017, ден по организираниот напад на Собранието (Фото: СДК.МК)

    „’Што ако си ме прашувал, што мислиш што се случува, народ се случува’, ми одговори директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков на агресивен начин на моите прашања зошто не ми одговара на повиците и зар не гледа што се случува во Собранието”, сведочеше тогашниот технички министер за внатрешни работи Агим Нухиу денеска на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Нухиу кажа дека кога почнале насилните протести бил дома во Теарце. Веднаш во 17.59 часот му ја пратил првата порака на Чавков: „Директоре, дали ги следите дебатите во Собранието, има ли можност ситуацијата да ескалира? Во 18.03 часот Чавков му одговорил: „Немам можност, засега сè е под контрола“, за после една минута да му прати уште една порака „Надвор е сè под контрола“.

    „Но за кратко видов дека ситуацијата ескалира и тргнав кон Скопје. По пат му вртев на Чавков, не знам колку пати го барав, но не ми одговараше. Во 18.58 часот му пратив порака дека нема доволно полицајци, а сите влезови на Собранието се блокирани. Пак не добив одговор. Во меѓувреме, звонев и кај одговорните на оперативниот штаб и ми рекоа дека се прават обиди и дека ќе се преземат мерки. Пет пати му се јавив на началникот на одделението за специјални единици Митко Пешов кој ми рече дека се прават обиди да се ангажираат специјалните сили“, сведочеше Нухиу на судењето на кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.

    Во оперативниот штаб стасал во 19.25 часот и од дежурниот на штабот, кој таа вечер тоа бил Душко Лазаров, барал да издаде наредба за евакуација на пратениците.

    „Дежурниот неколку пати излегуваше од просторијата и зборуваше на телефон. Со кого, не знам. Го прашав каков е планот на оперативниот штаб за акција. Дежурниот имаше резерва кога ги побарав плановите и барав да се преземат мерки за евакуација на пратениците. Го информирав дека пратениците се физички нападнати од вооружени маскирани лица и треба да се преземат мерки. Повторно го барав Директорот на оперативниот штаб, не ми се јавуваше. После 20 часот дојде директорот на БЈБ,кој е носител на златна команда, кога влезе збореше на телефон. Агресивно ми одговараше на моите прашање зошто не ми одговара на повиците и зар не гледа што сс случува. Му кажав дека во тек има спортски натпревар и можно е голема група навивачи да тргне кон Собрание. Не знам дали тоа беше пресудно, но од тогаш почна да постапува институционално“, рече Нухиу.

    Нухиу кажа дека иако барал, не добил информација колку полицајци биле ангажирани ,иако уште во март имал состанок со оперативниот штаб на кој дал наредба да се ангажираат сите капацитети на МВР за време на протестите, со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните и институциите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира