НАГРАДАТА „ЈАШАР ЕРЕБАРА“ НА ЗНМ ЗА СОЊА КОЛЕВСКА-ДЕЛЕВСКА ОД СДК.МК, ЈАДРАНКА КОСТОВА, УБАВКА ЈАНЕВСКА И ДАНИЕЛА САЗДОВСКА

    НАГРАДАТА „ЈАШАР ЕРЕБАРА“ НА ЗНМ ЗА СОЊА КОЛЕВСКА-ДЕЛЕВСКА ОД СДК.МК, ЈАДРАНКА КОСТОВА, УБАВКА ЈАНЕВСКА И ДАНИЕЛА САЗДОВСКАСоња Колевска-Делевска, новинарка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, ја освои наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија (Фото: К. Попов)

    Соња Колевска-Делевска, новинарка на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, ја освои наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Јадранка Костова, долгогодишната уредничка на „Фокус“, ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков-Мисирков“, а наградата за известување на теми од локално и регионално значење ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот ДУМА.МК од Велес.

    Соња Колевска-Делевска наградата ја доби за серијалот текстови за случајот со Тони Сали, 18-годишното момче без државјанство, кое лани почина откако повеќе од 15 години водеше битка за да добие матичен број и извод од Матичната книга на родени.

    „Сакам да се заблагодарам на редакцијата на СДК.МК за поддршката, ама и за тоа развиено чувство да се препознаат вакви приказни и да им се даде предност. Темите за човекови права станаа наш препознатлив бренд, ние ќе продолжиме во таа насока, особено да ги третираме проблемите на луѓето чиј глас никако не може да се слушне во општеството“, рече Колевска-Делевска при примањето на наградата.

    За наградата на ЗНМ година конкурираа 47 стории од кои 27 биле за наградата за истражувачко новинарство.

    „Одамна не сум се чувствувал заинтригиран, мотивиран и сигурен да кажам дека треба да се има верба во македонското новинарство. Прочитавме и прегледавме стотина страници прониклив новинарски труд, на одлично осмислени и реализирани истражувачки стории. И ви велам – не кудете го македонското новинарство. Тоа е оживеано, сè поаргументирано, поверодостојно и сè пообестрашено. Се влегува во темите на општествената и политичка декаденција, во држава во која сè уште не владее скромност и штедливост со зборот и парите. Нема табу теми, недопирливи поединци и моќници. Сè повеќе има истенчен новинарски нерв да се открие неправдата, насилништвото, немоќта на институциите, да се трага по правдата и загрозувањето на човековите права и слободи“, рече Александар Чомовски од жирито за наградата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира