Хирурзите од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и директорот д-р Христијан Костов најдоа привремено решение за операциите за следната недела, соопшти Министерството за здравство.
Четириесетина хирурзи од болницата утринава со писмо го известиле министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев дека од понеделник, 27 септември нема да работат итни операции, туку само животозагрозувачки, во знак на револт од работењето на директорот.
Хируршкиот колектив го испрати писмото и до медиумите и до Фондот за здравство. Реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет, кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.
Попладнево, Филипче ги викнал двете страни на состанок во неговиот кабинет, од каде информираат дека покрај привременото решение, наредните денови министерот со лекарите ќе разговараат и за трајно решение за предизвикот.
Болницата е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата. Лекарите велат дека владее незадоволство од лошата организираност на работата.
„Не работат ни апарати, ни лифтови, нема тоалетна хартија, ни сапун, директорот не можеме да го најдеме, болницата се распаѓа, но најстрашно е што веќе не работат ни операционите сали“, велат вработени од болницата.
На состанокот кај Филипче, како што велат од Министерството, биле разгледани повеќе аспекти од состојбата, односно дека во „8 Септември“ во моментов се лекуваат 100 пациенти со ковид-19, па оттука и редуцираноста на бројот на хируршки одделенија, но сепак со запазување на итни случаи како малигноми и фрактури. Тие интервенции се одвиваат тековно.
Хирурзите со писмото велат дека им било јасно дека со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но „ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција“.
„Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, реагираат хирурзите.
Нивните барања се да се овозможат услови во болницата за да може таа да им пружи хируршка здравствена заштита на поголем број на пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата.
„За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и сме отворени за дополнителни предлози“, стои во писмото потпишано од 40 хирурзи.
Директорот Костов со писмено соопштение објаснува дека „не само кај нас, туку и во светот постои редукција на елективниот програм поради ангажирањето на персонал за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид“.
Тој вели дека нема доволно анестезиолози и затоа операционите сали не работат со целосен капацитет.
„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни, заради болест и поради нивниот ангажман во ковид одделенијата, акцент е ставен на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури). И овие интервенции се одвиваат без застој“, вели директорот, додавајќи оти има потреба од колеги во лекувањето на ковид позитивните пациенти кои лежат во Ковид-одделенијата.
Б. НЕСТОРОСКА