НАЈДОЛГОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ЛАНИ БИЛО ОСУМ МЕСЕЦИ НА 5 ЛИЦА, 17 ОСОМНИЧЕНИ БИЛЕ ФИЗИЧКИ СЛЕДЕНИ И СЛИКАНИ ОД ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ

    НАЈДОЛГОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ЛАНИ БИЛО ОСУМ МЕСЕЦИ НА 5 ЛИЦА, 17 ОСОМНИЧЕНИ БИЛЕ ФИЗИЧКИ СЛЕДЕНИ И СЛИКАНИ ОД ТАЈНИТЕ СЛУЖБИИ по судскиот случај „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување, кој заврши со првостепени затворски казни за обвинетите, Собранието не врши суштинска контрола на прислушувањето. (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство минатата година за 35 отсто ја намалило бројката на прислушувани, физички следени лица, уфрлување лица со прикриен идентитет за откривање на потешки форми на криминал… во однос на 2019 година.

    Постои намалување на примената на посебните истражни мерки од 103 случаи (2019), на 67. Односно, бројката на побарани и добиени судски одобренија за примена на други посебни истражни мерки, паднала на 67.

    Но, зголемен е опфатот на примената на пи-мерки на лицата со утврден идентитет. Во 2019 биле вкупно опфатени 338 лица, а во 2020 година 404 лица кои биле под овие мерки, со цел да се обезбедат докази за криминал.

    Иако посебните истражни мерки ги користеле значително помалку во однос на претходните години, сепак, ефикасноста од нивната примена се зголемила, избројано преку поднесени обвиненија и почнати или завршени судски процеси каде обвинети/осудени се лица кои биле прислушувани.

    Според деталните податоци во Извештајот на Обвинителството за примената на посебните истражни мерки во 2020 година, најчесто користена од нив била тајното физичко следење и следење на телефонските комуникации на сомнителни или осомничени лица.

    „Прислушувањето е применето во вкупно 54 случаи, против 196 лица со утврден идентитет, како и за 22 предмети – телефонски линии кои ги користат непознати лица во моментот на спроведување на мерката. Во 4 случаи примената на мерката траела до 1 месец, во 1 случај до 2 месеци, во 19 случаи до 3 месеци, во 4 случаи до 4 месеци, во 1 случај до 5 месеци, во 2 случаи до 6 месеци и во 5 случаи до 8 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки во 12 случаи против 39 лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка, во 5 случаи е 4 запрена истражната постапка бидејќи не се обезбедени доволно докази, против 2 лица се поднесени обвинителни акти и во 12 случаи мерката е во тек“, прецизно наведува Обвинителството, потенцирајќи дека 12 телефонски линии по лански судски наредби, уште се слушаат.

    Натаму, во два случаја се применува мерка – тајно снимање на дом или затворен приватен простор. Во едниот е прекината мерката, другата камера сè уште снима.

    Посебната истражна мерка од член 252 ст.1 од Законот за кривична постапка „Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“, лани е применета во вкупно 55 случаи против 17 лица со утврден идентитет и против 55 предмети врз кои се применувала мерката.

    Во 6 случаи тајното физичко следење, снимање и фотографирање траела до 1 месец , во 17 случаи до 3 месеци, во 3 случаи до 4 месеци , во 1 случај до 5 месеци и во 7 случаи до 6 месеци. Во 3 случаи мерката е во тек.

    Како резултат на доказите прибавени од примената на тајното физичко следење на лица, против 42 лица биле донесени Наредби за спроведување на истрага, во 10 случаи постапката е запрена поради тоа што не биле обезбедени доволно докази или поради претек на времето за кое дозволил судот следење.

    Во однос на 2019 година тајната служба физички следела дури 156 лица.

    Минатата година немало таен увид и пребарување во компјутерски систем, во лаптопи, но во 16 случаи биле следени комуникации по мејл или апликации на мобилни телефони.

    Од „поинтересните“ посебни истражни мерки, е „Користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи“, од член 252 ст.1 т.10 од ЗКП. Оваа мерка е применета во 3 случаи против 28 лица со утврден идентитет.

    Според извештајот за примена на посебни истражни мерки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје во извештајниот период водени се постапки во 35 случаи, од кои во 15 случаи јавното обвинителство се јавува по сопствена иницијатива, додека во 20 случаи иницијативата потекнала од Министерството за внатрешни работи.

    Карактеристично е дека во однос на 2019 година примената на овие мерки во 2020 година била поефикасна, времетраењето на примената на мерките е намалено и поголем број случаи завршиле со понатамошно процесирање, отворање на истрага и подигнување на обвинение. Но, се забележува дека за жал, корупција многу не е откриена, туку со помош на овие пи-мерки најмногу се откривал шверц на дрога и трговија со луѓе-мигранти.

    Извештајот според деловодните книги на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е испратен до Собранието, а до Комисијата за надзор на следење на комуникациите и до таа за следење на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), порано УБК, сè уште не е стасан.

    Претседателот на собраниската Комисија за надзор на следење на комуникациите Игор Јанушев вели дека со колегите пратеници одат во половична контрола сами и не може докрај да видат дали се вршат злоупотреби. (Фото: Фејсбук)

    Единствен Извештај од Обвинителството за примената на посебните истражни мерки што го разгледувале овие две комисии за надзор и контрола, е тој за пимките во 2019 година, разгледан дури во јануари годинава.

    Но, суштинска контрола на прислушувањето и покрај безбедносните реформи што се направија, Собранието и натаму не врши. Комисијата за надзор на следењето на комуникации може и без најава да влезе во институциите што прислушуваат, но засега одат само во редовни контроли и суштинска контрола дали се вршат злоупотреби не може да спроведе, бидејќи не може да ангажира ИТ инженери.

    „Имаме правено редовни контроли во АНБ, во ОТА и во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Проблемот за нас е што ние како Собраниска комисија имаме обврска да ангажираме двајца ИТ експерти. Пред осум месеци, откако се формираше и почна да функционира комисијата направивме избор, но претседателот на Собранието Талат Џафери уште нема склучено договор со нив. Кога се носеле законите, испуштено е да се пропише начинот на нивното плаќање. Нема методологија за пресметување на надоместокот“, вели пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Комисијата за надзор на следење на комуникациите.

    Тој раскажува како со колегите пратеници одат во половична контрола сами и не може докрај да видат дали се вршат злоупотреби.

    „Ние одиме, гледаме системи, гледаме папирологија – судски наредби со кои се одобрува следење на нечии телефонски разговори. Ние не сме стручни да влеземе во системите и да оцениме дали се работело законски, дали се тие лицата од судската наредба, дали други се приклучени надвор од наредбата, дали е запазен рокот на прислушувањето, или се излегло надвор од него. Натаму, ако паднал системот за прислушување, треба да провериме дали навистина станува збор за техничка грешка. Сето ова ние сами не можеме да го истражиме, бидејќи сè уште експертите ги немаме на располагање“, вели Јанушев.

    Во Македонија, од ОТА, преку која единствено може да се одобри прислушувањето, услуги бараат само МВР (јавна безбедност) и АНБ. Военото разузнавање иако има опрема, не побарало таква услуга од ОТА минатата година, додека Царината и Финансиската полиција, сè уште немаат набавено системи за следење на комуникациите, а го имаат тоа законско право. Затоа и Собраниската комисија последните две не ги контролира, иако има надлежност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира