НАЈМАЛКУ 150 ЛУЃЕ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА БУБРЕГ, 4-ГОДИШНО ДЕТЕ Е НАЈМЛАД ПАЦИЕНТ НА ДИЈАЛИЗА

    НАЈМАЛКУ 150 ЛУЃЕ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА БУБРЕГ, 4-ГОДИШНО ДЕТЕ Е НАЈМЛАД ПАЦИЕНТ НА ДИЈАЛИЗАВо земјава до јануари беа извршени над 500 трансплантации на Клиниката за урологија. (Фото: К. Попов)

    Околу 120 до 150 лица се на листа на чекање за трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу поголема, рече денеска Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон”, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.

    „Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација, таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања што чинат пари, а имаме многу мал број на кадаверични трансплантации, или имаме години кога воопшто немаме. Нашиот апел е, ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и таа листа ќе биде зголемена. Мораме да пофалиме дека листа за чекање за жив донор од познат дарител веќе не постои, туку секој што ќе обезбеди бубрег од сроден дарител, веднаш, за кратко време додека се направат типизациите, се трансплантира“, кажа Ѓоргиев.

    Од Здружението рекоа дека најмладиот член на дијализа има четири, а најстариот 92 години.

    Директорката на Клиниката за нефрологија, доцент д-р Ирена Рамбабова-Бушљетиќ, меѓудругото, кажа  дека водечки причини за развој на хронична бубрежна болест, сѐ уште се дијабетот и хипертензијата.

    Според податоците на „Нефрон“, во државава се проценува дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 отсто од населението, додека во краен стадиум на болеста на лекување со дијализа се 1.540 лица,

    Светскиот дел на бубрегот се одбележува секој втор четврток од март во повеќе од 150 земји ширум светот. Кај нас се одбележува по 19. пат, под покровителство на Меѓународното здружение за нефрологија (ИСН) и Меѓународната федерација на бубрежни фондации (ИФКФ).

    Како најчести причини за откажување на бубрезите, од Здружението „Нефрон“ ги посочуваат дијабетесот и кардиоваскуларните болести. Велат дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економските трошоци за ХББ во терминалната фаза на болеста и затоа е потребен еднаков пристап до скрининг, рана дијагноза и квалитетен третман, како и едукација на пациентите и здравствените професионалци за прифаќање на новите методи и лекови.

    Во земјава до јануари беа извршени над 500 трансплантации на Клиниката за урологија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира