Најмногу лажни вести се објавени за време на референдумската кампања за промена на името, периодот на Уставни измени во Собранието и за време на ратификување на Договорот од Преспа во грчкото Собрание, кажа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на конференцијата „Лажни вести за Договорот од Преспа“, што се одржува во Атина, Грција.
Тој кажа дека од први април лани до 15-ти март годинава објавени се вкупно 35.261 написи на македонски јазик и 13.995 на албански јазик и дека нивните анализи покажуваат оти во просек 10 отсто може да се вбројат во лажни вести.
„Ова се написи чија цел не е информирање на јавноста, туку имаа за цел да презентираат неточни информации како факти, а 10 отсто е бројка што навистина загрижува. Најголем број написи се објавени во септември и октомври лани, како и во јануари годинава. Од анализирани 750 написи чија што цел не е информирање на јавноста, најголем број се објавени во септември и октомври лани, но досегот на социјалните мрежи бил најголем во декември лани и јануари годинава“, рече Манчевски.
Лажните вести и дигиталната пропаганда, според Манчевски, имаат цел да манипулираат со скриените стравови и основните инстинкти на граѓаните.
„Тие секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, борба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички прашања. Таков беше случајот и со лажните вести кои се однесуваа на Договорот од Преспа. Основна форма на медиумска манипулација беше нецелосното известување, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-сајтот на Владата кратко време по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на Договорот. Лажните вести, најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на Договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации кои беа претставувани како факти“, рече Манчевски.
Е. БОЧВАРОСКА