НАЈНИСКАТА ЦЕНА ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ УСЛОВ ЗА ИЗБОР НА НАЈПОВОЛНА ПОНУДА, УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

    НАЈНИСКАТА ЦЕНА ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ УСЛОВ ЗА ИЗБОР НА НАЈПОВОЛНА ПОНУДА, УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИСо законските измени се зајакнува и дигитализацијата на јавните набавки преку проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки за користење современи дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција. (Фото: СДК.МК)

    Собранието на денешната 122. седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки. Со измените, најниската цена веќе нема да биде единствен критериум при изборот на најповолна понуда. Од Министерството за финансии велат дека измените произлегуваат од досегашните искуства во примената на Законот, потребата од негово усогласување со актуелните економски услови и реформските приоритети утврдени во реформската агенда и планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

    „Еден од клучните сегменти е унапредувањето на електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел зголемување на неговата употреба и поттикнување поголема конкуренција меѓу економските оператори. Истовремено, се воведува задолжителна примена на критериумот – најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет, со што при изборот на најповолната понуда, покрај цената, ќе се земаат предвид и квалитетот и долгорочната оправданост“, велат од Министерството за финансии.

    Со законските измени се зајакнува и дигитализацијата на јавните набавки преку проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки за користење современи дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција. Целта, според Министерството, е поефикасно следење на постапките, навремено препознавање ризици и спречување можни злоупотреби. Дополнително, се создава правна основа за воспоставување веб-сервиси и автоматска размена на податоци со други институции и релевантни субјекти.

    „Во насока на зголемување на транспарентноста, се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност кај постапките со преговарање без објавување оглас во законски утврдените случаи. Со ова се овозможува поголем увид на јавноста и економските оператори, а истовремено се поедноставуваат одредени административни процедури“, велат од Министерството за финансии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира